Со големо жалење ја примив тажната вест дека мојот долгогодишен и драг колега Амди Бајрам го напуштил овој свет. Дозволете од свое лично име и од името на пратениците на Собранието да изразам длабоко сочувство за оваа голема загуба, се вели во телеграмата за сочувство од претседателот на Собранието, Талат Џафери, за смртта на Амди Бајрам.
„Господинот Амди Бајрам како долгогодишен пратеник и претставник на ромската заедница во Република Северна Македонија учествуваше во носењето на голем број значајни и стратешки одлуки за земјата. Тој беше достоен претставник на својата етничка заедница и направи голем број на работи за нивното општествено напредување. Со својата реторика и позитивен дух се истакнуваше од сите колеги пратеници и ќе остане секогаш запаметен. Моето сочувство оди и до семејството на нашиот поранешен колега Амди Бајрам сигурен дека тагата за вашата голема загуба е неизмерна. Дозволете уште еднаш да Ви го искажам своето сочувство, нека почива во мир“,
се вели во телеграмата од собранискиот спикер.
Поранешниот пратеник и политичар почина денеска на 64-годишна возраст.