На средбата, премиерот Џафери нагласил дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Соговорниците се согласиле дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијатa
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска во владините простории се сретнала со премиерот во техничката влада Талат Џафери. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Агелер ја истакнала важноста на улогата на Џафери во демократскиот развој на земјава најпрво како прв претседател на Собранието, а потоа и како прв премиер етнички Албанец во историјата на земјата.
Изборот на Џафери на чело на Владата, посочила Агелер, испраќа силна порака дека како и во САД, така и во С Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна.
За време на средбата, Агелер ја истакнала поддршката на САД за патот на земјава кон Европската Унија и изразила подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат. Џафери, пак, ја истакнал посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на земјава со Соединетите Американски Држави и нагласил дека и на неговата нова функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.
Агелер и Џафери, меѓу другото, разговарале и за претстојните избори, нагласувајќи дека е потребо вложување севкупни напори за реализација на фер и демократски изборен процес.
„Премиерот Џафери нагласи дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, соговорниците се согласија дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата“,
се наведува во владиното соопштение во кое се информира за средбата Агелер-Џафери.
На средбата, меѓу другото, Џафери ја информирал американската амбасадорка за предлог-законот за рестриктивни мерки кој беше повлечен од собраниска процедура поради административни причини. За законските измени, како што кажал, се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на законските измени на следната владина седница.