На средбата помеѓу претседателот на Владата на С Македонија, Талат Џафери, и специјалниот пратеник на владата на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, било оценето дека Македонија се наоѓа во исклучително важен момент од демократскиот развој
Реафирмирана е силната поддршка од Германија за следниот исчекор во европските интеграции, како клучен за граѓаните на С Македонија да го осигураат членството во ЕУ во непрекинат процес, се вели во владиното соопштение по денешната средба на премиерот на техничката влада Талат Џафери и специјалниот пратеник на владата на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во Минхен. На средбата било оценето дека нашата земја се наоѓа во исклучително важен момент од демократскиот развој, кога треба да спроведе уште едни фер и демократски избори, но и да ги реализира евроинтеграциите.
„Во таа насока е поздравен ставот на премиерот Џафери и на новиот владин состав за организирање и спроведување изборен процес по европски стандарди и е нагласено дека тоа се очекува да се слушне и види и од сите политички субјекти во изборниот процес“,
се вели во соопштението.
Кога станува збор за евроинтеграциите на земјава, било потенцирано дека одлуката во Собранието, со која би се исполнил условот од Преговарачката рамка и со која нашата земја би влегла во преговарачкиот процес со ЕУ е од важност и за стабилноста на целиот регион на Западен Балкан.
„Премиерот Џафери се заблагодари на Германија како најголема земја членка на ЕУ и конкретно на личниот и активен ангажман на високиот германски претставник Сарацин за континуираната поддршка на перспективите на Северна Македонија, како и на водечката и одговорна улога во европската иднина на Западен Балкан“,
стои во соопштението.