Посетата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во моменти во кои се прават значителни напори за деблокирање на процесот на евроинтеграции и за официјално отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ е особено важна, особено во фазата кога францускиот предлог влегува во собраниска процедура, порача собранискиот спикер Талат Џафери.
На средбата со Мишел во собранието присуствуваа координаторите на повеќе парламентарни политички партии: Јован Митрески од СДСМ, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, Илире Даути од Алијанса за Албанците, Сафије Садики од Алтернатива, Бастри Бајрами од Беса, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и генералниот секретар Цветанка Иванова.
„Средбата со координаторите ја реализиравме денес и имавме можност од прва рака да слушнеме охрабрувачки пораки разјаснување на нејасностите, неоставајќи простор за лажни вести и дезинформации. Отворениот разговор меѓу политичките чинители во државата е клучен за донесување на суштински важни одлуки“
напиша Џафери по средбата.
Според најавите, од утре се очекува формирање и средба на работни групи кои ќе работат на забелешките за францускиот предлог. Во работната група ќе бидат вклучени по двајца пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, по еден од ДУИ и од Алијанса за Албанците, плус еден претставник на помалите партии од Владата.