Претседателот на парламентот, во изјава за „360 степени“, вели дека од правен аспект е многу тешко да се отповика одлуката за избори на 12 април, ама дека, сепак, треба да се разгледаат сите можности во интерес на јавното здравје
Не би прејудицирал за можно одложување на изборите на 12 април, ниту за начините како би се извело тоа. Очекувам на утрешната седница на Советот за безбедност да се разгледаат сите аспекти на ситуацијата, вели во изјава за „360 степени“ претседателот на парламентот Талат Џафери.
„Од правен аспект е речиси невозможно да се отповика одлуката за одржување на парламентарни избори на 12 април. Особено ако се има предвид одлуката за распуштање на парламентот и тоа што процесот е започнат и се преземени одредени дејствија. Сепак, ситуацијата е сериозна и правните аспекти не се единствениот проблем. Затоа треба да се разгледаат сите можности и да се види каков ќе биде трендот и како ќе се развива ситуацијата со коронавирусот во наредните десетина дена. Јавното здравје мора да биде во прв план“,
вели Џафери.
ДИК побара денеска од државниот врв, во пресрет на утрешната седница на Советот за безбедност, да се преиспита одлуката за избори на 12 април. Во однос на тоа, Џафери вели дека утре треба да се слушнат сите размислувања во тој правец и дека тој не е единствениот кој може да одлучува по тоа прашање.
„Знаете како велат: една глава – ич глава; две глави – пола глава. Затоа е потребно да се разгледаат сите аспекти на ситуацијата, да се слушнат сите мислења и да се донесат соодветни заклучоци. Паралелно, секој поединец треба да ја сфати сериозноста на ситуацијата и да се придржува до протоклите. Засега, олеснителна околност е тоа што кризната состојба е ограничена на само еден дел од територијата на државата. Сепак, треба да се следи како ќе се развиваат трендовите“,
вели Џафери.
Деветтиот парламентарен состав се распушти на 16 февруари, 56 дена пред рокот за одржување на изборите. Истиот ден, претседателот на парламентот ги распиша десеттите парламентарни избори. Од тој момент почна спроведувањето на изборните дејствија, кои сега се во фаза на утврдување на кандидатските листи на партиите и колаициите кои влегоа во „натпреварот“ за пратенички места.
Сепак, пратениците од деветтиот состав имаат мандат до конституирањето на новото Собрание. Овие предвремени избори, всушност, се закажани шест месеци пред почетните рокови за одржување редовни избори, кои би почнале да течат во втората декада на септември.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски, пред неколку дена, изјави дека сите институциитреба да се стават во функција на јавното здравје, одговарајќи на прашање дали на лидерската средба во владата се разговарало за евентуална потреба од свикување на распуштениот парламент, на пример, ако се наметне нужност од реваланс на буџетот. Од друга страна, шефот на државата Стево Пендаровски изрази надеж дека ќе нема потреба да прогласи вонредна состојба. Сепак, ако дојде до прогласување вонредна состојба, не би имало потреба од свикување на парламентот, затоа што во таква ситуација владата носи одлуки со законска сила.