Статистиките кои се показател на работата на Министерството за внатрешни работи зборуваат дека од 1 февруари до 29 февруари вкупно барања за патни исправи има 123 983, од кои изготвени се 95 267 патни исправи. Примени барања за лични карти има 82 235, а изготвени лични карти се 71 410. Барања за возачки дозволи има 46 280, а изготвени се 39 552
Има уште 50 дена до изборите, во текот на март граѓаните можат да поднесат барање и да се опремат со соодветни документи. Ова денеска на прес-конференција во Владата го рече техничкиот премиер Талат Џафери одговарајќи на новинарското прашање како ќе го искористат своето право на глас на претстојните парламентарни и претседателски избори оние кои немаат важечки лични документи и дали Владата ќе го прифати предлогот на Државната изборна комисија (ДИК) пасошите да продолжат да бидат валидни за идентификација за денот на гласањето.
„Статистиките кои се показател на работата на Министерството за внатрешни работи зборуваат дека од 1 февруари до 29 февруари вкупно барања за патни исправи има 123 983, од кои изготвени се 95 267 патни исправи. Примени барања за лични карти има 82 235, а изготвени лични карти се 71 410. Барања за возачки дозволи има 46 280, а изготвени се 39 552“,
вели техничкиот премиер.
Џафери смета дека има уште 50 дена до изборите, па со динамиката на издавање на документите досега, вели дека тие 100 илјади на лица што се вртат како информација дека немаат документ, според него, во текот на март месец можат сите да се опремат со соодветни документи.
„Може секој еден граѓанин да иницира да добие соодветен документ. Но, граѓанинот треба да иницира барање. На пример, за да имам документ треба јас да побарам документ“,
изјави тој.
Според него, прво треба да му се даде предност на правото на граѓанинот да иницира навремено и соодветно барање да има документ, а потоа, како што рече, нивна обврска е да излезат со соодветна одлука како ќе постапат.
„Не преферирам да зборувам хипотетички. Што ќе правам, како ќе правам. Преферирам да излезам да кажам овој проблем го решивме. Откако ќе направам, ќе бидете информирани. Основно е институцијата да ја врши својата работа. А не да се правда и за се да си наоѓа оправдување за несработеното. Од таа причина беа тие посети фамозни, дали сум имал право да одам или не. Имам право да одам во секоја канцеларија која е во надлежност на Владата“,
рече Џафери.
Државната изборна комисија (ДИК) предлага во Изборниот законик да се воведе преодна одредба со која на граѓаните од земјава и странство ќе им се овозможи на претстојните избори да гласаат со пасоши со старото уставно име чија важност сè уште не е истечена.
Оваа одредба, како што пред десетина дена рече првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, би се однесувала само на годинашните избори, а пред сè би се однесувала на граѓаните чии лични карти се неважечки.
„Предлагаме пасошите на кои пишува ‘Република Македонија’, ако се важечки, да важат за гласање и тоа да се стави во Изборниот законик како преодна одредба која ќе важи само за овие избори. Од ова мислам дека нема поидеално решение. Веќе го сменивме Законот за лични карти и тие важат, но многу луѓе немаат и лични карти, па ако важат пасошите, ќе имаат еден документ, зашто тоа се реално важечки документи, издавани од нашите надлежни органи“,
изјави Даштевски.