Денеска е Ден на Воздухопловниот ВИНГ и ако дозволат временските услови е предвидено летање од страна на авијацијата на Армијата, како и прелет на воздухоплови над Скопје.
Надлетувањето, како што е планирано, ќе е одржи од 12 до 13 часот, а група од девет воздухоплови треба да лета во формација 3-2-2-2 и тоа: три хеликоптери „ми-17“ – водител на група, два хеликоптера „ми-24“, два хеликоптери „бел-206“ и два авиони „злин-242 Л“.
„Се надеваме дека граѓаните на Град Скопје ќе уживаат во прелетот на воздухопловите на Армијата на Република Северна Македонија. Од името на сите припадници на Воздухопловниот ВИНГ, во време на светската пандемија од ковид-19, на граѓаните на Република Северна Македонија им посакуваме да останат во добро здравје и ведар дух, да ги почитуваат препораките за заштита, а на сите заболени им посакуваме поскоро оздравување и закрепнување“,
вели во писмената изјава на мајор Сашо Павловски.
Свеченоста по повод денешниот ден ќе се одржи во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец каде што е предвидено да се обрати и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
10 јуни е одреден за Ден на Воздухопловниот ВИНГ, во сеќавање на првиот извршен лет со сопствен воен воздухоплов во 1992 година.