Прашан дали ќе има фракција во СДСМ, Деспотовски негираше и рече дека ова значи оти ќе има продолжување на политичката активност
По заминувањето од ТИРЗ, Деспотовски најави дека ќе се посвети на зголемен политички ангажман во партијата затоа што, како што рече, силен СДСМ не е потребен само за партијата, туку и за државата за што укажување имало и од политичкиот опонент

Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошки-индустриски развојни зони (ТИРЗ), денеска до Владата поднесе оставка од функцијата.
Деспотовски за оставката информираше на денешниот брифинг со новинарите на кој говореше и за сите постигнати бројки од сработеното во ТИРЗ за време на неговиот мандат.
По заминувањето од ТИРЗ, Деспотовски најави дека ќе се посвети на зголемен политички ангажман во партијата затоа што, како што рече, силен СДСМ не е потребен само за партијата, туку и за државата за што укажување имало и од политичкиот опонент.
„Мојата цел е целосно да се посветам на еден ваков сериозен политички ангажман бидејќи тоа бара целосна посветеност. Не може половина ден да работам инвестиции, а другата половина политика. Таков сериозен политички ангажман и сериозна цел, а тоа е изградба на силна опозициска партија која ќе биде контролор или коректив на власта и подразбира целосен ангажман. Во наредниот период ќе се посветам целосно на политичкиот ангажман“,
рече Деспотовски.
Тој најави и дека нема да побара апанажа затоа што, како што рече, не е оправдано носители на јавни функции, кои извршувале и одговорни позиции, да остануваат на товар на граѓаните.
„И ако сме навистина толку способни сите да извршуваме одговорни функции навистина можеме понатаму, ако сме оставиле чист образ, да продолжиме да функционираме како и сите останати. Така да нема да побарам апанажа“,
нагласи тој.
Прашан кој ќе дојде на негово место, Деспотовски рече дека за тоа ќе треба да се праша во Владата и оти тоа е нејзино право.
„Моја претпоставка е дека треба и нов Управен одбор да се избере бидејќи таков е системот. Така што нема официјална информација“,
рече тој.
Во однос на партиските избори за претседател, што се одржаа во неделата, и за кои Деспотовски уште тогаш рече дека на многу членови не им било дозволено гласање, што беше спротивно од изјавите на претседателката на Централната изборна комисија, денеска повторно се осврна на тоа укажувајќи дека не се согласува со изборниот процес.
„Не е во ред тоа да пуштате на гласање луѓе за кои знаете како ќе гласаат односно дека ќе гласаат за вас, а при тоа повторно да им се протнат 25 отсто што гласале спротивно, а на сите останати да им оневозможите да гласаат. Тоа не е во ред. Кога ќе го исправиме тоа, може да зборуваме за изборен процес“,
рече тој.
Според него, Комисијата не ги почитувала актите што биле донесени.
„Малку е смешно излегуваме како Комисија или како партија и кажуваме дека процесот е завршен и избравме претседател, а другиот ден одговараме на приговори. Како може Комисијата или партијата самата да не си ги почитува актите што ги носи, што е небулоза“,
додаде тој.
Деспотовски најави дека и натаму ќе инсистира да му бидат одговорени прашањата што ги поставил по изборниот ден.
„Зошто секој втор што во изминативе 25 дена потрошил дел од своето време и на 40 степени отишол до најблиската општинска организација и поднел барање за да гласа, не гласал или бил таму и го вратиле. Ако сакаме да зборуваме за регуларен процес треба прво да одговориме на ова прашање. Тоа не е прашање зошто треба да му удоволиме на Јован Деспотовски, тоа е прашање за кое немаме луксуз како политичка партија да си дозволи да врати 11 илјади луѓе од процесот на гласање. Луѓето се вознемирени, се јавуваат, тие се таму по 20-30 години. Не може да зборуваме дека работите се во ред кога не се“,
додаде тој.
Во врска со изјавата што ја даде пред почетокот на изборниот процес и во која рече дека доколку не победи нема да прифати никаква функција, Деспотовски денеска повтори дека тоа ќе го направи, но додаде дека сака да го види крајот на изборниот процес.
„Ако сметаме дека крајот е тоа што се случи во неделата, јас не се согласувам со тоа. И не само јас што не се согласувам, туку и илјадници луѓе кои изминативе денови изразиле желба да гласаат“,
рече тој.
Прашан дали тоа значи дека ќе има фракција во СДСМ, Деспотовски негираше. Ова, како што рече, значи дека ќе има продолжување на политичката активност.
„Поделби прават тие што им ги бркаат луѓето од партијата. Јас не ги избркав луѓето од партијата на 30 јуни. Зборувам во името на тие луѓе“,
рече Деспотовски.
Тој додаде дека не му честитал на Филипче и ја повтори изјавата од неделата во која рече дека се радува за Венко како за другар.
„Венко ми е другар, јас се радувам за него како другар и нема да кажам ништо лошо за него затоа што сум го прифатил како другар пред 30 години. Овде не станува збор за Венко, туку за многу повеќе членови“,
рече Деспотовски.