Директорот на Дирекцијата за технолошко-развојни зони Јован Деспотовски денеска изјави дека не е задоволен од висината на платите што им се исплаќаат на вработените во индустриските зони.
„Апсолутно сум незадоволен, не само за нивото туку и од фактот дека просечната плата во рамки на зоните е пониска во однос на просечната плата во рамки во македонската економија. Да бидам искрен, за мене беше изненадувачки во негативна смисла тоа што технолошко напредни компании исплаќаат пониски плати во однос на останатите во рамки на економијата“,
истакна Деспотовски на денешната прес-конференција во Владата.
Одговарајќи на новинарски прашања, Деспотовски рече дека нема да се даваат субвенции за да се поттикнат компаниите во зоните да ги зголемат платите, туку преку програмата за специфични активности за развој на вештини ќе се поттикнува продуктивноста со што, како што рече, ќе се направи позитивен притисок врз компаниите да ги зголемат платите.
„Не верувам дека субвенциите ќе донесат ефект, дури мислам дека државата дава доволно средства во рамки на договорите за државна помош за поттикнување на креирање нови работни места. Програмата ќе биде базирана на финансирање на специфични активности за развој на вештини односно за поттикнување на продуктивноста на луѓето. Преку тоа ќе направиме позитивен притисок врз компаниите да ги зголемуваат платите“,
рече Деспотовски.
