Деталите, вели тој, ќе бидат соопштени за десетина дена, и од менаџментот на компанијата и од Владата. Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3
Директорот на ТИРЗ во интервју за МИА годината зад нас ја оценува како најдобра досега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони со над 430 милиони евра нови инвестиции и над 2 000 нови работни места за една година
Нова инвестиција од Северна Америка, која ќе биде лоцирана во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Штип и треба да донесе близу 2 000 нови работни мести, најави директорот на на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, во интервју за МИА.
„Годинава ја почнуваме со нова инвестиција од Северна Америка, која ќе биде лоцирана во ТИРЗ Штип. Новата инвестиција ќе донесе близу 2 000 нови работни места, а почетокот на производството е планирано за крајот на 2023 година“,
вели Деспотовски, без да прецизира од која држава од Северна Америка доаѓа инвестицијата.
Деталите, вели тој, ќе бидат соопштени за десетина дена, и од менаџментот на компанијата и од Владата.
Како што информира Деспотовски, во тек се преговори што се водат веќе една година, со американско-тајванска компанија, каде што во конкуренцијата се Србија и Кина.
„Очекувам дека за еден до два месеца ќе имаме добри вести и ќе ја имаме следната најголема инвестиција во постоењето на ТИРЗ, овој пат над 200 милиони евра и близу 4 000 нови работни места“,
вели директорот.
Тој открива и дека има преговори за новата високотехнолошка зона Скопје 3.
„Само неколку месеци по промоцијата на концептот на високотехнолошка зона, добивме писмо за интерес од светски позната јапонска компанија во областа на електрониката. Предизвикот тука е голем, бидејќи ова е целосно нов концепт не само за нас, туку и за целиот регион“,
вели Деспотовски.
Тој додава дека значително е зголемен интересот кај инвеститорите, не само странски, туку и домашни за земјава и дека само во моментов во ТИРЗ се во фаза на понапредни преговори за инвестиции од над 500 милиони евра.
„Преку законот за стратегиски инвестиции работиме на инвестицијата на грчки `Митилинеос` во делот на енергетиката, која тежи над 200 милиони евра. Но, она што е уште позначајно е дека сè повеќе се отвораме и кон домашните компании бидејќи кај нив лежи голем инвестициски потенцијал. Наскоро во зоните ќе инвестира и голема македонска компанија што верувам дека сигурно ќе поттикне серија инвестиции од домашните компании“,
нагласува Деспотовски.
Директорот на ТИРЗ во интервјуто годината зад нас ја оценува како најдобра до сега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони со над 430 милиони евра нови инвестиции и над 2 000 нови работни места за една година.
„Веќе во октомври ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година. Но, она што посебно ме радува е тоа што само во изминативе две години се отворени над 3 500 нови работни места, а од 2017 година до денес бројката е + 10.000. Тоа се 160 проценти повеќе работни места од оствареното во периодот 2007 – 2016 година. Тоа се 10 000 наши сограѓани, семејства, соседи, пријатели кои добиле можност да остварат пристојна живеачка дома. Платите растат и прв пат во 2021 ги надминаа просечните во целата економија. Оваа година, иако податоците треба да се сумираат со завршните сметки, очекувам раст на нето платата од најмалку 15 отсто, а многу веројатно дека растот е и поголем“,
вели Деспотовски.
Тој очекува првично поставената цел, една милијарда евра нови инвестиции во зоните до крајот на мандатот во 2024, да биде постигната оваа година.