Денеска се случи третиот по ред и засега само делумно успешен обид на семејството Комненови да си го стават во владение и да си го оградат парчето земја на кое полагаат сопственост потврдено со неодамнешна судска пресуда, во близина на нивна куќа во скопската населба Бутел
Како и при претходните обиди, отпор на таквите обиди пружија соседите кои до утрово користеа дел од „спорното“ земјиште како паркинг и кои тврдат дека за земјиштето се уште се води спор. Полициската асистенција, сепак, овојпат овозможи земјиштето да се врати на сопствениците. Но, откако заминале полицајците, некој ја урнал импровизираната ограда
Триесетина припадници на интервентната полиција, десетина полициски службеници, неколку полициски автомобили, багер и две возила на влечната служба. Ова беше сликата која рано утринава околу осум часот можеше да се види во скопски Бутел.
Силното полициско присуство привлече десетици погледи од граѓани кои утринава чекаа автобус на постојката во близина на „Бутелска“ 29 – местото на кое семејството Комненови денеска успеа да огради земјиште кое се води на нивно име, а кое досега соседите од околните куќи го користеа како паркинг-простор.
Интервенцијата почна со барањето на полицијата да се отстранат паркираните возила од парцелата. Соседите ги тргнаа неколкуте автомобили што беа паркирани, олеснувајќи го натамошното извршување, односно враќање на земјиштето во првобитна состојба. Во следните неколку часа, геометар изврши премер, ја обележа парцелата, а градежници ангажирани од семејството Комненови почнаа со поставување ограда.
Поставувањето, сепак, не заврши до крај бидејќи некој се јавил во градежниот инспекторат во Општината Бутел. Инспекторот кој дојде на терен констатираше дека недостасува дозвола за поставување ограда. Меѓата, таа остана каква што инспекторот ја затекна на почетокот.
Во меѓувреме, откако си заминале полицајците, некој ја урнал импровизираната ограда. Засега, сепак, не се паркирани возила на парцелата. Најверојатно поради ископот за темели на оградата.
Денешната интервенција на „Бутелска“ е трет обид за извршување на правосилната судска пресуда која семејството Комненови, во своја корист, ја има добиено во спорот против Јавното претпријатие „Улици и патишта“. Имено, токму јавното претпријатие во 2019 година поставило тампон на парцелата за да овозможи паркирање на возила на луѓето кои живеат во околината.
Комненови тужеле и добиле. Во пресудата, која е правосилна од 2021 година, меѓу другото, претпријатието се задолжува да го отстрани градежниот тампон кој претходно го поставило на парцелата на Комненови и да го врати плацот во првобитна состојба.
„Се задолжува тужениот Јавно претпријатие ‘Улици и патишта’ Скопје да престане со таквото вознемирување на правото на сопственост на тужителката на КП бр 2324/1 за КО Бутел и на КП бр. 2325 за КО Бутел и да ја воспостави поранешната состојба на земјиштето и на овие парцели и да ги доведе недвижностите во состојба каква што била пред 3.3.2019 година, а во рок од 15 дена од приемот на пресудата, а доколку тоа не го стори тужениот по истекот на тој рок тоа ќе го стори тужителката Славица Комненова на трошок на тужениот, по пат на присилно извршување“,
се вели во пресудата која Комненови ја имаат во спорот против ЈП „Улици и патишта“.
И покрај ваквото судско решение и имотниот лист кој ја докажува нивната сопственост над земјиштето, Комненови по една и пол година од претходното неуспешно извршување на пресудата, кое во јуни минатата година го следеше и екипа на „360 степени“, денеска успеаја да ја оградат парцелата.
Соседите се противат на оградувањето и пренамената на просторот. Велат дека за парцелата и понатаму се водат судски спорови.
„Ова е бесправно градење. Правосилно е решението да се врати во првобитна состојба, а не да се гради (ограда н.з.). Ама тие изгледа го искористиле моментот и дојдоа уште од сабајле. Жената го купи земјиштето од Република Македонија, како го купила – тоа е нејзин проблем, но ние имаме уште две судења за случајот“,
рече еден од соседите.
За соседите, оградувањето на парцелата дополнително го стеснува малиот простор што сега останува слободен, а кој води до нивните куќи. Велат, ако се случи пожар или некому му се слоши, до куќите нема да може да пристапи противпожарно или возило на Итната помош.
Комненови, пак, го тврдат спротивното – нема никакви други судења, документите во Катастарот јасно покажуваат чии се парцелите.