Во бугарскиот приморски град, денеска првпат ќе биде отворена манифестацијата „Денови на македонската култура“. Таа ќе започне со изложба „Предизвици и насоки“ во 17 часот по локално време во Центарот за култура „Море казино“, јави дописникот на МИА до Софија.
Изложбата е дел од проектот „Поврзување“ на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Бугарија.
Во нејзини рамки ќе се одржат и две филмски проекции, кои се предвидени на програмата за утре и в петок во 21 часот по локално време на сцената „Полжав“.
Изложбата „Предизвици и насоки“ содржи специјално избрани уметнички дела од 12 современи автори, кои ги презентираат своите погледи и предизвици за време на пандемијата на ковид-19 и прикажуваат до кој степен овој глобален проблем ги менува нивните начини на размислување и насоките во креативноста. Како одговор на овие прашања, авторите индивидуално направија избор на свои дела и преку нив се обидоа да го претстават нашето време и нашата индивидуална уникатност.
Во изложбата се вклучени македонски уметници кои живеат и работат во Бугарија – Иво Пецов, Маријан Ѕингаров – Џин, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Атанас Ботев и Хари Дудески, како и на уметникот и поет Роман Кисов од Софија, кој во минатото оствари многубројни соработки со македонски автори, најчесто од областа на поезијата. Со свои дела во изложбата ќе се претстават и уметниците и професори на бугарската Национална академија на уметностите, Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија, како и македонскиот уметник од Битола, Димитар Христов, кој живее и работи во Берлин.
Покрај уметничките дела, авторите запишаа и своите мисли во неколку реченици, како додаток на визуелниот дел.