Според ДИК, на претседателските избори ќе гласаат 11 123 болни и немоќни лица, а на парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи, односно ќе гласаат 11 225 болни и немоќни лица
Своето право на глас денеска први ќе го остварат болните и изнемоштените лица, како и затворениците во казнено-поправните установи во земјава, информира Државната изборна комисија (ДИК).
Според ДИК, на претседателските избори ќе гласаат 11 123 болни и немоќни лица, а на парламентарните избори бројката е поголема за 102 избирачи, односно ќе гласаат 11 225 болни и немоќни лица.

На вториот круг од претседателските и парламентарните избори зголемен е бројот на пријавени болни и немоќни лица, кои денеска ќе бидат посетени од членовите на избирачките одбори за да гласаат во домашни услови.
Во 14 избирачки места во казнено-поправните установи за претседателските избори треба да гласаат 2 147 избирачи, додека за парламентарните во Избирачкиот список се запишани 2 140 избирачи.
Денеска гласаат и 534 избирачи згрижени во 20 установи за вонсемејно згрижување, а во Избирачкиот список се запишани и две внатрешно раселени лица.
Гласање во дијаспората ќе има само за вториот круг од претседателските избори на 31 гласачко место, според ДИК, во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои поднеле пријава за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2 569 избирачи.
Гласање за парламентарните избори во дијаспората нема да се спроведе бидејќи немало доволен број пријавени македонски државјани.
Според податоците на ДИК, утре, на вториот круг од претседателските избори, право на глас имаат 1 814 317 избирачи, додека на парламентарните избори 1 815 350 избирачи.
Разликата во гласовите е 1 033, како што посочија од ДИК, поради оние граѓани што во меѓувреме станале полнолетни.
Безмалку 2 000 набљудувачи, домашни и странски новинари и преведувачи ќе ги следат двојните избори на 8 мај во земјава. За следење на вториот круг од претседателските и изборите за пратеници се акредитирале вкупно 1 999 набљудувачи од кои најмногубројни, или 1 078, се домашни. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи, 66 странски новинари, а ангажирани се и 85 преведувачи.