Во 11 часот на национално ниво ќе има едноминутно молчење, а локалните власти ширум земјата ќе ги спуштат знамињата на половина копје
Во знак на одбележување на точно еден месец од нападот на терористичката група Хамас на 7 октомври, во кој загинаа над 1 400 луѓе, а околу 240 лица беа земени како заложници, во Израел е прогласен ден на жалост.
Во 11 часот на национално ниво ќе има едноминутно молчење, а локалните власти ширум земјата ќе ги спуштат знамињата на половина копје.
Во текот на денот ќе се одржуваат и комеморативни церемонии во училиштата и универзитетите.
Попладне луѓето ќе се соберат на градските плоштади и другите централни области за да запалат свеќи во спомен на загинатите војници и убиените цивили.
Во Тел Авив ќе се одржи комеморација за ужалените семејства со почеток во 18:30 часот во аудиториумот „Чарлс Бронфман“, со настап на Израелската филхармонија.
Во Ерусалим ќе се одржи меморијален и протестен собир на ужалените семејства со почеток во 19:30 часот пред Кнесетот. На крајот на службата, ќе биде поставен постојан камп пред Кнесетот, предводен од семејства кои бараат нова влада, соопштија организаторите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера уште еднаш ја отфрли можноста за прекин на огнот.
Тој посочи дека откако ќе заврши војната, Израел може да „управува“ со Газа на неопределен период.
Овој став Нетанјаху го дал како одговор откако бил прашан кој треба да управува со територијата кога ќе завршат борбите, но и по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден според кого „би било грешка ако Израел целосно ја окупира Газа“.
Хамас соопшти дека бројот на убиените во Газа надмина 10 000, обвинувајќи го Израел за извршување „холокауст“.
Во исто време, израелската војска соопшти дека ја поделила Газа на два дела, прогласувајќи ја територијата како целина поделена меѓу „северна и јужна Газа“, истакнувајќи дека е отворен четиричасовен хуманитарен коридор за да им се овозможи на цивилите во северниот дел на Газа да патуваат на југ.
Вчера повторно беше отворен преминот Рафах од Газа до Египет за да им се овозможи на странските државјани од претходно одобрениот список да ја напуштат територијата.