Претседателите одржаа конференциски повик откако претседателот Џо Бајден објави дека се повлекува како кандидат на партијата
Сите 50 претседатели на Демократската партија од сојузните држави ја поддржаа Камала Харис како нов претседателски кандидат кој ќе му се спротивстави на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп, пренесува Ројтерс.
Претседателите одржаа конференциски повик откако претседателот Џо Бајден објави дека се повлекува како кандидат на партијата.
„По најавата на претседателот Бајден, нашите членови веднаш се собраа за да се обединат зад кандидатката која има историја на победа на тешки избори и која е докажан лидер за прашања што се важни за Американците, вклучително и репродуктивна слобода, спречување на насилството со оружје, заштита на климата, законски реформи и обнова на економијата“,
се вели во изјавата на Кен Мартин, претседател на Асоцијацијата на државните демократски комитети.
Хипотетичките анкети пред Бајден да се откаже од кандидатурата, покажаа дека Камала Харис заостанува зад Трамп со 2 процентни поени, 46 отсто спрема 48 отсто, додека Бајден заостануваше со 44 до 47 отсто.
Анкетата на клучните сојузни држави спроведена по обидот за атентат врз Трамп и пред да се повлече Бајден покажа дека Харис заостанува зад Трамп за еден процент во Пенсилванија и води со пет процентни поени во Вирџинија. Нејзината поддршка меѓу жените, помладите гласачи и црните гласачи е посилна од онаа на Бајден, пишува „Њујорк тајмс“.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, кој беше и кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори во САД, вчера на социјалната мрежа Икс соопшти дека ја повлекува кандидатурата, но ќе продолжи до крајот на мандатот да ја извршува функцијата претседател на САД.
Бајден беше под жесток притисок од својата партија и бројни подржувачи да се повлече од претседателската трка, иако победи на гласањето на членството на внатрепартиските избори. Причината беше неговото сѐ поочигледно слабо здравје, како и опаѓањето на когнитивните способности.
Бајден ја поддржа својата заменичка Камала Харис да биде кандидат на Демократската партија за претседател на САД наместо него.
Бајден ја поддржа Камала Харис за кандидат за претседател на САД