Демократите во Претставничкиот дом денеска официјално ги објавија обвиненијата против американскиот претседател Доналд Трамп и нагласија дека за него е утврден предлог за отповикување врз две основи – злоупотреба на службената должност и опструкција на Конгресот.
Претседателот на Одборот за правда, Џери Недлер изјави дека Трамп го загрозил Уставот на САД, го поткопал интегритетот на изборите во 2020 година и ја загрозил националната безбедност.
„Никој, дури ни претседателот не е над законот“, рече Недлер.
Американските медиуми, повикувајќи се добро информирани извори, јавија дека Одборот за правда во Претставничкиот дом ќе гласа за предлогот за отповикување на Трамп најдоцна до четврток.
Претставничкиот дом се очекува да гласа за импичментот на Трамп следната недела, а со оглед на тоа што демократите имаат мнозинство, речиси е извесно дека ќе гласаат за отповикување на американскиот лидер. Тоа би го отворило патот за судење во Сенатот, најверојатно во јануари, каде со двотретинско мнозинство се одлучува дали Трамп треба да биде сменет.
Постапката за отповикување беше иницирана откако „свиркач“ во септември се обрати до Конгресот, при што во изјавата тврди дека Трамп во телефонскиот повик од јули годинава, побарал од украинскиот претседател Володимир Зеленски да спроведе истрага за неговиот политички ривал Џо Бајден и неговиот син, а во замена да добие воена помош од околу 400 милиони долари и прием во Белата куќа.
Досега во истрагата што ја спроведеуваше Претставничкиот дом сведочеа повече амбасадори и високи претставници во Стејт департментот.
Трамп ги негира обвинувањата и ги нарече „лов на вештерки“.