Демократиите мора да се држат заедно и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротивно ќе преовладаат автократските и диктаторските режими, порача Пендаровски
Не сум загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната панел сесија „Во одбрана на Европа“, што се одржува во рамките на Светскиот економски форум во Давос.
„Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема“,
рече Пендаровски.
Затоа, според него, неопходно и клучно е кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, бидејќи како што се гледа низ светот дури и кај некои од најголемите држави, во пораст се авторитарните тенденции.
Претседателот потенцира дека демократиите мора да се држат заедно, и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротивно ќе преовладаат автократските и диктаторските режими. Најважно, според него, е да биде одржана целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина.
„Видовме минатата година кога почна војната во Украина и претходно во Белорусија дека основната дилема и битка е меѓу демократијата или автократијата, односно диктатура како што е денес во Русија. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет“,
порача Пендаровски.
Покрај шефот на македонската држава, на сесијата „Во одбрана на Европа“, учествуваат и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Литванија Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија Светлана Тихановскаја.
Во рамки на форумот во Давос, претседателот Пендаровски ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, а ќе има и повеќе билатерални средби со учесници на форумот.
Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, насловен „Соработка во фрагментиран свет“ се одржува од 16 до 20 јануари 2023 година, а учествуваат лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество кои ќе дебатираат за состојбата во светот и за приоритетите за годината што претстои.
На форумот предвидено е да присуствува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, главниот американски преговарач за климатски прашања, Џон Кери, претседателот на Европската централна банка, Кристин Лагард, директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, поранешниот американски потпретседател Ал Гор и новите претседатели на Јужна Кореја, на Колумбија и на Филипини.
На зимската сесија на Светскиот економски форум нема да учествуваат американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Си Ѓинпинг, британскиот, индискиот и францускиот премиер Риши Сунак, Нарендра Моди и Емануел Макрон, како и рускиот претседател Владимир Путин.