Во рамки на форумот во Давос, претседателот Пендаровски ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, а ќе има и повеќе билатерални средби со учесници на форумот
Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе учествува на годишниот состанок на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, предвидено е Пендаровски денеска да учествува и да говори на панел сесијата „Во одбрана на Европа“, што започнува во 08:30 часот, а на која ќе говорат и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Литванија Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија Светлана Тихановскаја.
Во рамки на форумот во Давос, претседателот Пендаровски ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, а ќе има и повеќе билатерални средби со учесници на форумот.
Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, насловен „Соработка во фрагментиран свет“ се одржува од 16 до 20 јануари 2023 година, а учествуваат лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество кои ќе дебатираат за состојбата во светот и за приоритетите за годината што претстои.
Меѓу многуте други различни прашања за кои ќе се разговара за време на четиридневниот состанок, се и иднината на вештачките ѓубрива, улогата на спортот во општеството, употребата на нуклеарна фузија како извор на електрична енергија и состојбата со пандемијата Ковид-19.
Вчера официјално започна петдневното собирање на светската елита под мотото „Соработка во расцепканиот свет“. Сѐ уште не е познато дали украинскиот претседател Володомир Зеленски ќе му се обрати на Форумот како минатата година, додека сигурно е дека рускиот претседател Владимир Путин нема да има обраќање.
Еден од најбогатите луѓе на планетата Илон Маск реч дека останува далеку од Давас, бидејќи му „звучи здодевен“ настанот, кој вклучува повеќе панел-дискусии за прашања од монетарната политика и геополитичките жаришта, до обновливите извори на енергија и јавното здравје.
Сепак, организаторите објавија дека ќе бидат присутни повеќе од 1 500 деловни луѓе од сите индустрии, како и на низа финансиски институции.