Системско решение во оваа техничка влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа, изјави денеска министерот за здравство
Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне на Леонид Индов, односно ќе му бидат покриени трошоците за лекување во Виена, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири одговарајќи на новинарски прашања. Системско решение, како што посочи Демири, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.
„Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања а пропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба“,
изјави Демири пред почетокот на панел-дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје.
Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува по изборите.
„Системско решение во оваа техничка влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство“,
додаде Демири.
По веста дека Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија го одбил барањето за лекување на младиот Леонид Индов во странство на трошок на Фондот, средства за негово лекување се собираат преку донации.
Како што појаснија од Фондот за здравствено осигурување, барањето на еден од родителите на Леонид Индов било одбиено како неосновано затоа што не се работело за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга – медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.
Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи. На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов.
(ФОТО+ВИДЕО) Со медикоптер првпат транспортиран пациент од Скопје до Виена
Заменик-народниот правобранител Јован Андоновски, пак, најави дека ќе почне да се работи на иницијатива со која се предвидуваат измени на законски и подзаконски акти на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ).
Измените, како што рече Андоновски, би биле во насока да се цени секој случај индивидуално, односно да не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите.
Тој потврди дека случаите со Леонид Индов и Јани Иванов од Неготино не се единствени, туку постојат повеќе случаи во кои ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман.