Делта-сојот на коронавирусот, кој првично се појави во Индија, пристигна и во Босна и Херцеговина.
Босанските медиуми јавија дека тој е потврден кај жена на Меѓугорје, со што БиХ стана уште една земја од Западен Балкан каде официјално се регистрираше оваа варијанта на ковид-19.
Прва земја од Западен Балкан каде беше детектирана оваа мутација, беше Хрватска на 28 јуни каде здравствените власти предупредуваат за нов бран на есен или можеби порано, а најавуваат и можни нови рестрикции. Еден ден подоцна, делта-сојот беше регистриран и во Косово, а вчера медиумите информираа дека тој пристигнал и во Србија. Таму се заразени две лица кои се вратиле од странство, а според информациите од српското Министерство за здравство, станува збор за граѓани кои не се вакцинирани.
Во Грција, пак, заклучно со вчерашните извештаи, вкупно се регистрирани 54 случаи на заразени со делта-сојот.
Засега, оваа варијанта на коронавирусот сè уште не е потврдена во Албанија. Вчера министерката за здравство, Огерта Манастирлиу, на пленарна седница на албанскиот парламент изјави дека во земјата досега не е регистриран ниту еден случај на новата варијанта, но апелираше до граѓаните за поголема внимателност затоа што опасноста постои бидејќи веќе има заразени во регионот. Заклучно со 30 јуни, и во Црна Гора официјално нема заразен со делта-сојот.
Кај нас, Министерството за здравство за првиот случај на делта-сојот информираше на 7 јуни кој бил детектиран кај пациент вратен од Ирак. Таму бил хоспитализиран 10 дена, а по пристигнувањето во земјава со санитетско возило веднаш беше пренесен во болница. Во втората половина на јуни, оваа варијанта беше потврдена кај уште двајца пациенти, кои се вратиле од Виена, но тогаш здравствените власти потенцираа дека нема ризик за ширење на вирусот преку нив.