Оваа варијанта на коронавирусот е најзаразната регистрирана досега, а од СЗО уште еднаш апелираат до светските лидери дека може да помогнат со тоа што ќе донираат и дистрибуираат вакцини до посиромашните земји
Делта-сојот е регистриран и кај нас. Во вчерашната изјава министерот Венко Филипче рече дека засега не се размислува за нови рестрикции бидејќи ситуацијата е мирна и кај нас и во регионот, но оти будно се следи состојбата и во првиот момент кога ќе биде проценето дека има некаков ризик ќе се воведат мерки
Делта-сојот на коронавирусот, кој првпат беше откриена во Индија, досега е регистрирана во 92 држави, објавија на брифинг со новинарите од Светската здравствена организација (СЗО).
Оваа варијанта на вирусот, нагласува техничката раководителка на СЗО за борба против ковид-19, Марија ван Керхов, предизвикува посебна загриженост затоа што е позаразна и рапидно се шири низ целиот свет.
Претставниците на СЗО на последниот брифинг предупредија дека ова е најзаразната мутација на коронавирусот регистрирана досега и ќе ги „нападне“ најранливите категории, особено во оние места каде што има ниска стапка на вакцинација.
„Делта-сојот има потенцијал да биде поубиствен поради начинот на кој се шири меѓу луѓето и ќе ги најде оние најранливите кои може да станат сериозно болни и да мора да се хоспитализираат“,
вели извршниот-директор на програмата за итни здравствени состојби на СЗО, Мајк Рајан, кој предупредува и на ризикот од смрт.
Од СЗО уште еднаш апелираа до лидерите на најмоќните земји дека може да помогнат во заштитата на најранливите категории на тој начин што ќе донираат и ќе достават вакцини.
СЗО минатата недела соопшти дека делта-сојот станува доминантен во споредба со останатите мутации.
Студиите, пренесува Си-ен-би-си, покажуваат дека тој за околу 60 отсто попренослив од првичниот коронавирус што се појави во Вухан во Кина. Во САД, на пример, тој веќе е раширен на ниво што најмалку 10 проценти од новите случаи се заразени со него. Во Велика Британија, тој веќе стана доминантен и со него се заразени повеќе од 60 проценти од новозаразените.
Делта-сојот е регистриран и кај нас. Во вчерашната изјава, министерот Венко Филипче рече дека кај двајцата пациенти кај кои беше детектирана оваа варијанта проценките врз основа на нивните контакти се дека нема ризик од ширење. Тој рече и дека засега не се размислува за нови рестрикции бидејќи ситуацијата е мирна и кај нас и во регионот, но оти будно се следи состојбата и во првиот момент кога ќе биде проценето дека има некаков ризик ќе се воведат мерки.
„Само две земји во Европа не одат кон олабавување, Велика Британија која го забави процесот на олабавување на мерките и Португалија која единствена има некаква дополнителна рестрикција, сите други земји, вклучувајќи ги и тие од регионот, одат кон попуштање на рестриктивните мерки. Ние тоа го дискутиравме минатата недела, во рамките на Берлинскиот процес имаше состанок со министрите за здравство од сите земји на Западен Балкан и сите констатираа дека епидемиолошката ситуација стивнува и спласнува. Во ваква ситуација, во овој временски период кој е пред нас, не планираме никаква рестрикција или некои дополнителни мерки поради тоа што не гледаме некаков ризик. Но, мора да потенцирам, будно ја следиме состојбата не само кај нас туку и во околните земји, затоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваат промени во епидемиолошката ситуација во сите земји во регионот“,
изјави вчера Филипче.