Министерот за здравство Венко Филипчe вели дека во овој момент не се планираат дополните рестрикции поради опасноста од новиот делта (индиски) сој. Тој вели дека пациентите кај кои е детектирана оваа варијанта се вратиле од Виена, но проценките се дека кај нив нема ризик од ширење на коронавирусот.
Засега сите земји, како што вели министерот, одат кон олабавување на рестрикциите и ситуацијата е мирна и кај нас и во регионот, но во првиот момент кога би имало некаков ризик ќе се воведат некои мерки.
„Само две земји во Европа не одат кон олабавување, Велика Британија која го забави процесот на олабавување на мерките и Португалија која единствена има некаква дополнителна рестрикција, сите други земји, вклучувајќи ги и тие од регионот, одат кон попуштање на рестриктивните мерки. Ние тоа го дискутиравме минатата недела, во рамките на Берлинскиот процес имаше состанок со министрите за здравство од сите земји на Западен Балкан и сите констатираа дека епидемиолошката ситуација стивнува и спласнува. Во ваква ситуација, во овој временски период кој е пред нас, не планираме никаква рестрикција или некои дополнителни мерки поради тоа што не гледаме некаков ризик. Но, мора да потенцирам, будно ја следиме состојбата не само кај нас туку и во околните земји, затоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваат промени во епидемиолошката ситуација во сите земји во регионот“,
вели Филипче.
Тој беше воздржат во однос на делта-сојот и рече дека засега нема доволно научни испитувања за неговиот начин на ширење.
„Во однос на индискиот сој, сè уште немаме прецизни податоци, сè уште нема доволно испитувања каде било во светот за да знаеме каков е ризикот и од заболување, дали вакцинираните имаат ризик да заболат. Тоа што сега се знае е дека ризикот да заболат вакцинирани е навистина мал, но во исто време штити од тешка форма на болест и смрт дури и кај оваа варијанта. Има некои публикации, меѓутоа сè уште е рано со сигурност да се тврди нешто конкретно во врска со ова прашање“,
рече министерот.
Во однос на вакцинацијата, тој ги сподели податоците од крајот на минатата недела – вакцинирани се околу 240 000 граѓани, од кои 200 000 примиле и втора доза. За вакцина, пак, чекаат околу 180 000 граѓани пријавени на веб-платформа, а меѓу нив 40 000 се над 60 години. А, зголемување на темпото за вакцинација се очекува од наредната недела.
„В петок се очекува да стигне голема количина од ‘Фајзер’ преку системот Ковакс и тие веднаш ќе бидат дистрибуирани согласно бројот на пријавени во пунктовите ширум државата. Веднаш потоа од почеток на следната недела и кинеските вакцини кои треба да стигнат за време на викендот“,
изјави министерот.