Американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбите со израелскиот државен врв изјави дека договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците е сè уште можен, и покрај тоа што двете страни се далеку една од друга во однос на условите за постигнување решение
Делегација на Хамас се очекува денеска да пристигне во главниот град на Египет, Каиро на нови разговори за прекин на огнот во Појасот Газа, пренесува британски „Гардијан“. Најавата доаѓа еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли барањата што палестинската екстремистичка група ги постави како одговор на предлогот за прекин на огнот, кој минатата недела дојде од катарските и египетските посредници поддржани од САД и Израел.

Високиот функционер на Хамас со седиште во Либан, Осама Хамдан, на прес-конференција во Бејрут го потврди патувањето на делегацијата во Каиро, а дека ќе има нови разговори потврдиле и претставници на египетските власти.
Египетски функционер за агенцијата Франс прес изјавил дека денеска во Каиро треба да започне нова рунда преговори за смирување на ситуацијата во Појасот Газа.
Хамас објави предлог кој вклучува четири и пол месечен прекин на огнот во Појасот Газа, во рамките на кој би биле ослободени сите заложници, а Израел да ги повлече своите војници од Појасот, со што би се отворил пат за постигнување договор за прекин на војната.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера експресно го отфрли предлогот, порачувајќи дека израелската воена офанзива во Газа ќе продолжи додека Израел не постигне, како што рече, апсолутна победа.
„Денот потоа е ден по Хамас. Цел Хамас“,
рече тој, додавајќи дека целосна победа против Хамас е единственото решение за војната во Газа.
Според Нетанјаху, секаков договор со кој Хамас би добил целосна или делумна контрола врз Појасот Газа е неприфатлив за Израел.
Напорите за постигнување договор за прекин на огнот во Газа се случуваат додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен е на турнеја во регионот, негова петта по нападите на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври лани, на кои Израел одговори жестоко и почна војна со милитантната група.

Блинкен по средбите со израелскиот државен врв изјави дека договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците е сè уште можен, и покрај тоа што двете страни се далеку една од друга во однос на условите за постигнување решение.
Израелскиот премиер, исто така, потврди дека на одбранбените сили на земјата (ИДФ) им е наложено да започнат операции во градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде се наоѓаат стотици илјади лица кои претходно беа раселени од другите делови на Појасот поради офанзивата на Израел.