Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 31 октомври, кога ќе се изберат градоначалници на уште 40-тина општини
Дел од кандидатите за градоначалници кои победија во првиот круг од локалните изборите ги добија уверенијата од Општинските изборни комисии (ОИК) и почнаа да ги преземаат функциите. Меѓу оние кои први седнаа во градоначалничките фотелји се новите градоначалници на скопските општини Гази Баба и Бутел, како и на Штип, сите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Гази Баба ќе биде модерна, инфраструктурно развиена, општина гордост на градот Скопје. Ги повикувам граѓаните да се обединиме и заедно да ја градиме Општина Гази Баба. Промените ќе ги почувствуваме многу брзо, промени коишто ќе значат подобар, поквалитетен и подостоинствен за секој граѓанин на општина Гази Баба“,
рече Бобан Стефковски, новиот градоначалник на оваа општина.
Фотографија од новото работно место објави и Дарко Костовски кој ја презеде функцијата градоначалник на Бутел.
„Од денеска во служба на граѓаните, сите заеднички ќе чекориме кон модерна, безбедна и просперитетна Општина Бутел“, напиша Костовски на социјалните мрежи.
Костовски во градоначалничкиот кабинет се сели од пратеничката фотелја во Собранието. Функцијата пратеник ја напушта и Иван Јорданов, кој отсега ќе биде на чело на локалната власт во Штип.
„Од денес официјално, вратите на општина Штип ќе бидат широко отворени за сите наши сограѓани, од денес официјално јавните претпријатија и институциите под локалната самоуправа ќе бидат во служба на нашите сограѓани. Да ја вратиме изгубената доверба, да служиме на народот и да работиме заеднички за сето она кое го имаме зацртано во нашата изборна програма, заеднички да го реализираме и да создадеме нова иднина за Штип. Проблемите со коишто се среќаваат и ќе се среќаваат нашите сограѓани, имаме обврска како локална власт, а јас како градоначалник, да ги решаваме. Јас сум убеден дека со повеќе желба, енергија и волја којашто ќе ја посветиме кон овој град, ќе создадеме нова иднина и ќе ги реализираме проектите со кои сум убеден дека ќе ја вратиме довербата на нашите сограѓани“,
изјави Јорданов.
Во првиот круг градоначалници се избраа во 30-тина општини, а во останатите, како и во градот Скопје ќе се гласа во втор круг во недела на 31 октомври. Во две општини (Маврово-Ростуше и Центар Жупа) ќе има нови избори бидејќи не е исполнет законскиот цензус – на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.