Одлуката е донесена од страна на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по владината одлука од пред два дена за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на државата
Дел од Армијата на РСМ активно ќе се вклучи во процесот на справување со пожарите во земјава, соопштија денеска од кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Одлуката е донесена согласно Законот за управување со кризи, по донесената Одлука на Владата од 13 август 2024 година за постоење на кризна состојба заради зголемена појава на пожари на територијата на државата
„Начинот и интензитетот на кој припадниците на Армијата ќе помагаат на другите институции при гаснење на пожарите ќе го одредува Генералштабот на Армијата во согласност со побарувањата од Центарот за управување со кризи и состојбата на теренот“,
се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.
Центарот за управување со кризи утринава информираше дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 49 пожари на отворен простор, од кои во моментов 12 се активни, седум се под контрола и 30 се изгаснати.
Еден од најкритичните е оној на Националниот парк „Галичица“. Читатели на „360 степени“ кои летуваат во Љубаништа велат дека пожарот им изгледа поблиску од вчера поради што некои од нив веќе почнале и да се пакуваат во страв дека пламените јазици ќе се спуштат до кампот. Освен хеликоптер, тие сведочат дека гледале и авиони за гаснење пожар.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, согласно последните информации од екипите што се на терен, на својот фејсбук-профил информира дека пожарот на планината Галичица од македонска страна е под контрола и вели оти нема опасност по населените места и населението што гравитира на овој потег.
„Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хеликоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух. Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна каде што има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии“,
посочува Пецаков.