Заврши санирањето на дефектот на водоводната мрежа во Тетово, информира Јавното комунално претпријатие.
Сепак, утрово во градот сè уште нема вода во дел од домаќинствата, а според неофицијални информации појавени се нови проблеми и дефекти во водоводната мрежа, за што податоци се очекуваат во текот на денот од раководството на ЈКП „Тетово“.
Големиот дефект беше поради пукање на една од главните градски водоводни цевки чие санирање траеше повеќе од 12 часа, а околу 60 отсто од градот се соочи со прекин во водоснабдувањето.
Градоначалничката Теута Арифи на Фејсбук објави дека вработените од единицата Водовод и канализација при ЈКП „Тетово“ работеле 12 часа нонстоп во услови на пороен дожд за да го поправат дефектот што се појави на улицата Цветан Димов кај СВР Тетово.
„Сакам да им се заблагодарам на овие луѓе за нивната неуморна работа која траеше до доцните ноќни часови и која ни овозможи нам, граѓаните, повторно да имаме вода, со оглед на фактот дека сме во летната сезона и во пандемија, кога водата е примарна и суштинска потреба. Им благодарам на граѓаните за трпеливоста, солидарноста и разбирањето кои ги имаа во периодот без вода за пиење“,
напиша Арифи на Фејсбук.
Поврзана вест: Пукнатата цевка не е поправена, половина Тетово речиси 12 часа е без вода за пиење
Поврзана вест: Половина Тетово денеска остана без вода за пиење