Од Сојузот на стопански комори сметаат дека со пуштање на пазарот на 30-40 илјади тони пченица од државните резерви уште повеќе ќе се намали цената на лебот, но министерот за економија вели дека иако барањето на бизнисот е логично, Владата мора да земе предвид и други околности
Активирање на дел од државните резерви на пченица би довело до намалување на цената на лебот за повеќе од 10 отсто, вели потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски, кој деновиве ја лансираше оваа идеја во јавноста откако Владата најави поевтина струја за компаниите што произведуваат основни прехранбени продукти.
„Подлабоко ќе одиме во намалување на цената што ќе дојде до финалниот потрошувач“,
рече Ѓорѓиевски, појаснувајќи дека на стопанството првично би и биле доволни помеѓу 30 и 40 илјади тони пченица.

Во дебата во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашан дали ова барање на ССК е остварливо, министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека барањето е логично, но дека Владата треба да земе предвид и други параметри.
„На европскиот континент имаме војна. Утре може да се донесе одлука и целосно да се запре увозот на брашно или на други суровини, а ние веќе да сме ги потрошиле државните резерви или дел од нив. Затоа, треба многу внимателно, кога зборуваме за државните резерви, да постапиме согласно сите информации што ги имаат институциите во државата“,
рече Бектеши.
Тој дополни дека во последниот период државата успеала да ги зголеми државните резерви зашто мора да размислува за секоја хипотетичка ситуација која може да се случи во Европа, а да влијае на домашниот пазар.
„Само една изјава што се даде од страна на Руската Федерација дека ќе ги стопира рутите за транспорт од Турција, цените на одредени суровини веднаш се зголемија помеѓу 7 и 10 отсто. Откако вчера беше дадена друга изјава, преку ноќ, за само 48 часа, цените почнаа да се намалуваат“,
рече Бектеши.

На новинарска забелешка дека Владата можеби полесно ќе се решеше да активира дел од државните резерви доколку 2023 беше изборна година, Бектеши негираше.
„Затоа што со постоечкото законско решение и тие државни резерви што ги имаме, треба да излезат на аукција, на јавен повик, па ќе се пријават сите заинтересирани. И тоа не значи дека многу ќе се намалат цените споредено со оние што се на пазарот во моментот, бидејќи не се разликуваат многу со цените што може моментално да ги понуди Србија. Ако Владата одлучи да ги пушти државните резерви со повластени цени, со субвенционирана цена, тогаш тоа е друга приказна, но тоа треба да се направи само во случај кога нема да имаме увоз на овие суровини или, пак, дома да немаме количини кои се потребни согласно потрошувачката која ја има“,
рече министерот Бектеши.
Според податоците од ССК, годишните потреби за пченица се околу 330 илјади тони, а нешто повеќе од 250 илјади доаѓаат од домашно производство. Податоците од Државниот завод за статистика велат дека цената на лебот и на житата во октомври се зголемила за 2,6 проценти во однос на септември.
Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, на едно четиричлено семејство во земјава потребни му се 40 554 денари, од кои најголемиот дел, односно 44 отсто се за храна, или во пари, 17 842 денари.
