Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, смета дека епидемиолошката состојба во неговата општина, според официјалните бројки на заразени, не е добра бидејќи бројот расте. Тој на денешната прес-конференција соопшти дека од новозаразените во државата во последното деноноќие, три лица се од Дебар.
Ова, според него, е главно поради непочитување на превентивните мерки од страна на граѓаните.
„Тоа се случи по еден подолг период, во кој нашата општина се сметаше за зелена зона. Засега состојбата е под контрола, но како што оди трендот и очекувањата во следните денови ќе имаме појава на спорадични случаи на ковид-19“,
рече Дука.
Во врска со новите случаи, рече дека тие се дел од земените осум брисеви во понеделникот, додека за седумте брисеви земени во вторникот сѐ уште се чекаат резултати. Резултати се очекуваат и од вчерашниот скрининг на вработените во детската градинка, со кој беа опфатени 69 вработени.
Со последните три нови случаи, вкупната бројка на заразени во Дебар од почетокот до сега е 56. Од нив, две лица се од Центар Жупа, кои беа и првозаразени. Од вкупната бројка, 47 се оздравени, четворица починати, а активни случаи се пет.
Дебар и Центар Жупа беа првите општини кои беа ставени во целосен карантин и долг период по укинувањето немаа ниту еден случај со ковид-19.