
Полицијата вечерва поставува железни огради на патиштата кои водат до општините Дебар и Центар Жупа, по одлуката на Владата за прогласување кризна состојба во двете места. Блокадата следува откако денеска беа потврдени четири нови случаи на коронавирусот.
До полноќ право на влез имаат само жителите, а истовремено строго забранет е излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.
„Предвидена е координација за непречен дотур на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Лицата затекнати на подрачјето кои не се жители на двете општини, треба да се обратат до Регионалниот центар за управување за кризи со седиште во Локалната самоуправа, на кои, ќе им биде обезбедено сместување и се друго што им е потребно за непречен и безбеден престој“,
велат од СВР Охрид и ОВР Дебар.
Полицијата соопшти дека ќе вршат засилена деноноќна обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес-салони,), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и сузбивање на коронавирусот, што ги презема Владата. Кризната состојба ќе трае 30 дена.
„Жителите од подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа кои се надвор од територијата на овие општини, може да се вратат во своите домови на 13.3.2020 година до 00.00 часот на полноќ. Посебниот режим на движење на населението внатре во овие подрачја да го утврди Главниот штаб при Центарот за управување со кризи во акцискиот план за спречување на внесување и ширење на коронавирус (Ковид – 19)“,
соопштија од Владата по денешната седница.

Владата му предложи на претседателот Стево Пендаровски да одлучи за учество и со колкави капацитети Армијата би се вклучила во справување со кризната состојба.
Со денешните четири, бројот на досега регистрирани случаи на коронавирус се искачи на 13, од кои 11 се од овој крај.