„360 Степени“ направи интервју со британскиот министер за Европа и Америка, Алан Данкан, во пресрет на референдумот.
Министре, ви благодарам за можноста да разговарам со вас. Да почнеме со главното прашање – која е позицијата на Обединетото Кралство за претстојниот референдум за договорот за името?
Мислиме дека е многу важно справувањето со прашањето за името – тоа отвора одлични можности за во иднина. Но, ако прашањето за името не се реши тогаш ќе останат блокадите. Затоа, сметаме дека ова е многу важен чекор, ги повикуваме граѓаните да учествуваат. Никогаш се не е едноставно, има компликации, тоа го разбирам, но сметам дека премиерот беше многу храбар, а храброст и лидерство требаше и од грчка страна. Оттука, сметам дека ова е единствена шанса, ако ја пропуштите тогаш што потоа? Мислам дека ситуацијата ќе биде само негативна. Затоа, ги повикувам особено младите луѓе да мислат на иднината и да учествуваат во референдумот. Без оглед на тоа што е вашиот став, излезете и кажете го во соодветен демократски процес.
Целиот процес предизвика доста емоции и политичка дебата во општеството „за“ и „против“ договорот за името. Од една страна е власта која е „за“, а од друга е опозицијата која засега не зазеде јасен став за референдумот. Ја имавте можноста да се видите со лидерот на опозициката ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Што му кажавте, што му порачавте?
Поентата на референдумот е дека е создаден за да се консултираат граѓаните за крупно прашање кое не може да се реши со едноставни избори. Не мислам дека целиот процес треба да се разбере како партиско-политички и ако стане или биде перципиран како партиско-политичка борба, тоа не оддалечува од размислувањето за големото прашање, а кое е дали се сложувате или не за договорот за името и тоа што ќе следува. Се надевам дека сите политичари ќе се издигнат над партиските политики, ќе се свртат кон долгорочниот интерес на земјата и ќе го изнесат своето мислење кое може да биде „за“ или „против“. Мој личен став е дека ова ќе биде од долгорочен интерес за земјата и ако, како што гледаме од анкетите, огромното мнозинство – 80-90 отсто сака државата да стане дел од НАТО и од ЕУ, тогаш како може тоа да го посакувате, а да не гласате за нешто што ги отвора вратите за постигнување на таа цел.
Значи, мислите дека сите граѓани треба да го изразат своето право на глас, независно од тоа каков ќе биде тој глас?
-Да. Работата со секое демократско право, дали на референдум или избори, е дека е неопходно учество. Најлошото нешто што може да го направите е да не гласате, а најдоброто е да гласате онака како што мислите дека ќе биде најдобро за земјата. Би ги повикал граѓаните да учествуваат. Целиот свет ве гледа, погледнете само кој се дојде. Македонија треба да се запраша зошто сите овие луѓе дојдоа: Ангела Меркел, Себастијан Курц… Зошто тие доаѓаат во Скопје? А одговорот е дека сите овие луѓе, вашите соседи и пријатели сметаат дека ова е шанса за Македонија да напредува во наредната фаза од својот развој и вклучување во поширокото европско семејство. Граѓаните треба да се запрашаат – зошто ова се прави? Дали е тоа за нив самите или за вас. Според мене, тоа се прави заради вас. Не сме овде за да ви кажеме што да правите, но тука сме да го охрабриме процесот и да ве повикаме да ја искористите можноста која, според мене, е во интерес на државата.
Споменавте блокади… Ако Македонија не ја искористи оваа, како што некој ја нарекува, историска шанса за референдумот и прашањето за името, дали тогаш на подолг рок Македонија нема да се најде на агендата на евроатлантските организации?
– Јасно е дека ако нема договор со Грција тогаш ќе можат да ве попречат да се приклучите во ЕУ. Во однос на НАТО, ние сакаме договор и хармонија во регионот, да ги исполните условите за зачленување… Знаете, нема да биде целосна бариера, но секако дека тоа негативно ќе влијае и мислам дека подеднакво е јасно дека ако договорот за името биде одобрен на референдумот тогаш ќе бидете на брзата лента за приклучување кон НАТО. Но, ако тоа не се стори, тогаш нема да се приклучите.
Ако Македонија „испорача“, мислам на референдумот и уставните измени кои се суштината на договорот за името меѓу Македонија и Грција, дали тогаш и меѓународната заедница ќе го исполни својот дел од евроинтеграциите? Значи, ако Македонија „испорача“ дали и меѓународната заедница ќе го „испорача“ својот дел?
– Мислам дека тоа веќе и го правиме. Тоа е и една од причините што сум тука. Знам дека Обединетото Кралство ќе ја напушти ЕУ во период кога ќе зборувам за приклучување на Македонија, но ние сме значаен член на НАТО и, како што покажавме на Самитот ЕУ-Западен Балкан во јули во Лондон, одблиску го следиме регионот со цел да сториме се што можеме за да помогнеме и да бидеме дел од неговиот континуиран напредок. Одговорот е да. Мислам дека избирачите во Македонија имаат можност да ги подобрат шансите за наредок во ЕУ-интеграциите. Ако кажете „да“, тогаш сте на пат, ако кажете „не“, тогаш сте во многу потешка ситуација.
Минатиот пат кога разговаравме во февруари 2017 бевте многу јасен за руската улога во регионот. Дали нешто се промени во ставот на Лондон за, како што се нарекува, руското малигно влијание, особено на Балканот?
Прво, да го погледнеме малигното влијание во Британија. Од последниот пат кога разговаравме, во град во Британија имавме случај на луѓе отруени со забранет воен нервен гас, нешто што не се случило на европско тло од 1946 г. Еден човек почина, неколкумина завршија во болница. Тогаш рековме – знаеме дека отровот има руско потекло, што значи дека или тие тоа го сториле или загубиле контрола врз залихите што ги поседуваат за кои, пак, рекоа дека ги немаат. Значи, не само што ги прекршуваат спогодбите со тоа што поседуваат вакви залихи туку тие залихи и се користат. Имавме исклучителен глобален дипломатски одговор, а Русите велеа глупости, глупости, глупости. Сега, 6 месеци подоцна, ги имаме сите докази кои покажуваат дека две лица дошле, употребиле шише со лажен парфем за да испрскаат рачка на врата и тоа очигледно го сториле. Прашањето е дали тие лица се од ГРУ (воената разузнавачка служба на Русија), кој го одобрил тоа?.. Но, очигледно е и јасно му е на светот дека таму некаде апаратот на руската држава го извела овој обид за убиство. Значи, се зајакна нашиот став за руското малигно влијание од последниот пат кога разговаравме. Но, тие исто така, ги користат и социјалните медиуми и други средства за на лош начин да се мешаат во избори. Затоа, ги повикувам овдешните граѓани, како што се наближуваме до денот на референдумот, внимателно да размислат за тоа што го гледаат на фејсбук, на социјалните медиуми, за она што ќе го слушнат дека некој го кажал дали навистина е малигно влијание и обид за извртување на изборниот процес или е соодветен израз на политичко мислење. Тука граѓаните треба да го употребат разумот и самите да утврдат што е што.
Напишете коментар