Состојбата со ковид-19 е стабилна, но лесно може да се наруши ако не бидеме будни. Мора што е можно побрзо да обезбедиме вакцинација на населението вклучително и на младите генерации. И тука не треба да се проблематизира дали вакцините се со помала или поголема заштита, вели епидемиологот Драган Даниловски во изјава за Телевизија 24.
„Точно е дека индивидуалната заштита кај „Фајзер“ и „Спутник В“ е навистина импресивна – 95, одоносно 92 отсто ефикасност, но воопшто не се за потценување и другите вакцини како „Астра Зенека“, „Синофарам“, „Синовак“, од причина што сите вакцини се замислени, така е концептот на секоја вакцина, да заштити од тешки симптоми, хоспитализација и смрт“,
вели тој.
Даниловски вели дека најголем ризик за ширење на делта-сојот се младите генерации.
„Сега практично топката е префрлена на младите генерации. Имајќи предвид дека тие најчесто и делта-вирусот би го поминале како тешка настинка, но и понатаму се мобилни, ќе се дружат и тука лежи таа опасност, затоа во кампањата за промоција на вакцините мора да се стави акцент на помладите генерации“, вели Даниловски.
вели Даниловски.
Тој смета дека има услови од септември да се врати наставата со физичко присуство, бидејќи како што вели, не се знае каква ќе биде состојбата со пандемијата од наесен и дали ќе има потреба од враќање на рестриктивните мерки.
„СЗО препорачува одредени мерки – 50 отсто исполнетост на капацитетот на училницата, да има проветрување итн. И покрај тоа што во моментов мислам дека кај нас не е реално помладите од 18 години да се вакцинираат, сепак мислам дека училиштата треба да почнат со работа, но да почнат навреме за што повеќе да имаме топли денови за настава со физичко присуство, бидејќи кога ќе залади, некаде од октомври, не знаме што ќе се случува, да не почнеме пак да се затвораме. подобро е навремено почнување на школската година за учениците да имаат доволно време за квалитетна настава во живо“,
вели Даниловски.