Поранешната претседателка рече дека во оставката не навела дека има притисоци или влијанија туку хајка. Меѓутоа, смета дека оставката ја образложила во соопштението, па денеска не даде повеќе детали за „судско-бизнис елитата“. Порача дека ако се продолжи со хајката, повторно ќе излезе со соопштение

Актуелната и претходната претседателка на Судскиот совет денеска јавно се соочија на денешната седница кога новоизбраната Весна Дамева ја прозва претходничката Павлина Црвенковска да каже детали за „судско-бизнис елитата“ што таа ги спомена во нејзиното соопштение кога ја напушти претседателската позиција.
Дамева и посака добредојде назад по завршеното боледување и ѝ посака успешна работа на Црвенковска, сега само како член на Судскиот совет по што и се обрати со зборовите:
„Би сакала да слушнам дали денес или на работен состанок, кои се причините во врска со изнесените наводи во вашата изјава за судско-бизнис интереси, групи, лоби, како точно беше спомнато, не знам. Не мора колешке, веднаш да се произнесете, но мислам дека членовите на Судскиот совет заслужуваат да го знаат тоа со цел доколку е така да ви помогнеме понатаму како да се заштитите и сите меѓу себе да си помогнеме. А доколку не е така, јавноста барем да знае дека тоа се само ваши наводи и сте немале докази и аргументи за таквата ваша изјава“.
Црвенковска возврати. Прво ѝ честиташе на Дамева за тоа што беше избрана за претседателка, а потоа ѝ порача дека е неприфатливо на јавна седница да биде прозивана да образложува оставка дадена од лични причини и која, како што кажа Црвенковска, детално ја образложила.
„Останувам цврсто зад тоа што го наведов во оставката, а за тоа што сум преземала и што ќе преземам понатаму. Се надевам времето дека времето ќе работи во моја полза“,
додаде Црвенковска.
Дискусијата помеѓу двете продолжи, па Дамева рече дека Судскиот совет е отворен за јавноста и работите се транспарентни.
„Вашата оставка е лично право и демократско право. Меѓутоа, членовите и Судскиот совет треба да знаат дали во редот на членовите има некои влијанија, притисоци, од разни структури. Во таа насока е моето прашање, но во ред, бидејќи се вративте од боледување, оставам на вас“,
рече Дамева.
Црвенковска, пак, ѝ замери дека не е прецизна и ја поправи, но не откри повеќе детали.
„Да бидеме прецизни, јас во мојата оставка не наведов ниту притисоци, ниту влијанија, ако внимателно сте ја прочитале. Јас наведов хајка. И стојам цврсто зад мојата оставка и сè што е искажано во моето соопштение. Преземав и се надевам дека ако продолжи понатаму повторно ќе излезам со соопштение“,
рече Црвенковска.
Црвенковска беше претседателка на Судскиот совет до пред помалку од еден месец. На седница на 29 ноември таа се појави во салата во Советот, кажа дека поднесува неотповиклива оставка и си замина. Набргу потоа, објави соопштение во кое наведе дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската-бизнис елита“.
„До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструираа и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството. Стана жално што наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“,
напиша Црвенковска во соопштението.