Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, одговараше на ова прашање во гостување во „360 степени“ на МРТ 1
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, нема ниту волја ниту желба да присуствува на концертот на Дејвид Гета на 8 септември, настан кој е организиран од Владата по повод 35-годишнината од прогласувањето на независноста, бидејќи, како што вели, оваа влада нема ниту чесна ниту добра намера.

Филипче вели оти тој не сака да биде дел од настани кои се организираат од Владата бидејќи, како што вели, секојдневно се гледа како тие ја водат државата.
„Како да присуствуваме на настани на коишто седат луѓе коишто не мислат добро, коишто ја водат државата со црна кампања, коишто ги лажат граѓаните, коишто не ги прават потребните чекори?“,
рече тој.
На новинарска забелешка оти Денот на независноста е ден кога треба да се покаже базична солидарност и однос кон нешто заедничко, Филипче вели оти не го дели ова мислење бидејќи според него солидарноста и односот кон државата се градат секојдневно и оти формата не покажува ништо доколку суштината е погрешна, како во овој случај.
„Оваа влада не ја води државата како што треба и тоа го прави свесно. Ова што се прави… ова блокирање на државата и оваа кражба е со умисла“,
изјави Филипче.
