Истата вечер кога беа изгласани измените на Уставот, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски побара, заедно со редовните претседателски, да се одржат и предвремени парламентарни избори.
„На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и така волјата на мнозинството граѓани ќе биде испочитувана!“
Првиот човек на владата Зоран Заев, лично, е против такво сценарио, но конечната одлука ја препушти на партиските органи.
„Тоа што го бара, моли бога да се случи. Но, бара првиот човек на опозицијата. Затоа сериозно ќе размислиме.“
Јасно против засега е коалицискиот партнер ДУИ.
„ Сметам дека сега целата политичка енергија треба да се фокусира на членството во НАТО и започнување на преговорите со ЕУ во 2019 година.“- изјави Бујар Османи.
По бурниот викенд, може ли да се насети најверојатното сценарио?
—
ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучува можноста да ги бојкотира претседателските избори, доколку власта не се согласи истовремено да се одржат и предвремени парламентарни.
Така вели генералниот секретар на најголемата опозициска партија, два дена откако лидерот Мицкоски го испорача барањето до власта.
„ Во моментов сите опции се отворени. Во однос на дејствувањето, односно делувањето на СДСМ, Заев и власта, така и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради стратегијата во однос на понатамошните чекори, со тоа што нормално во моментов не исклучуваме ниту една од опциите во нашите следни чекори.
– Значи, во игра се и бојкот, официјален бојкот на претседателските избори, доколку не се прифати вашето барање за предвремени парламентарни избори?
Во игра, како што кажав, се буквално сите опции. Дури и нели, ние најавивме дека ја разгледуваме можноста и за напуштање на сите институции, односно не делување од страна на ВМРО-ДПМНЕ.“- вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Можниот бојкот на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори значи зголемување на влогот на политичката маса до степен што за власта може да биде неопходно да го прифати барањето на опозицијата. Бидејќи бојкот на опозицијата може да ја однесе земјата во уставна криза.
Власта е свесна за можноста од вакво сценарио. Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска вели дека тоа е една од причините поради кои сериозно ќе размислат како ќе постапат.
„ За Македонија апсолутно е неприфатливо да влеземе во процес на претседателски избори, кампања и потоа избори, коишто заради прашањето на цензус, којшто согласно Уставот мора да е 40% од бројката на гласачи која знаеме дека е голема бидејќи голем дел од тие гласачи не се во Македонија туку се во странство, таа опасност не смее да се потцени. И се согласувам дека на Македонија не и треба да влегува од избори во избори, од една кампања во друга кампања која што ќе ни го троши времето, ќе ни ги троши ресурсите, ќе троши пари и ќе ја троши енергијата која што е потребна за реформи и за почетокот на преговори со Европската Унија.“
Шеќеринска, сепак, вели дека е прерано да се каже дали е поблиску опцијата да се оди или не и на предвремени парламентарни избори.
„ Лицитирањето со проценти нема да ни помогне. 100% треба да донесеме одлука која е добра за Македонија. Меѓутоа, факт е дека без разлика кои се процените, ние избори ќе имаме оваа пролет. Така што, кога го анализираме влијанието на изборниот процес врз реформите, ние практично имаме ограничен простор за маневар. Ќе има избори. И факт е дека во одредени делови владата нема да може да носи одлуки, во одредени делови Собранието во одреден период нема да може да биде подеднакво активно како на пример претходната година и тоа е едноставно реалноста. Така што, земајќи ги во предвид тие неколку работи, одлуката ќе ја донесеме.
– Вашиот личен став кој е?
Па, јас ќе го кажувам таму каде што треба. Мојот личен став е дека во оваа ситуација, ние не смееме да си дозволиме грешки како држава а не како партии“, вели Шекеринска.
Од ВМРО-ДПМНЕ не зборуваат за никакви дополнителни услови за предвремени парламентарни избори, освен почитување на законската обврска за воспоставување на т.н. Пржинска влада.
„ Бараме предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори онака како што е пропишано согласно законот и онака како што сме ја имале праксата во последните неколку години. Дали ќе побараме дополнителни услови. Нашето излегување на избори не го условуваме. Тоа е барањето.“- вели Игор Јанушев.
Додека не е јасно дали ќе ги има, речиси со сигурност може да се претпостави која ќе биде линијата на судир на евентуалните парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, освен што не ги прифаќаат договорот со Грција и уставните измени, пласираат и теза дека доколку дојдат на власт, можат да постигнат подобар договор за името.
Па сепак, Јанушев не вели дека би го отфрлиле договорот со Грција во случај да дојдат на власт. Објаснува дека она што ќе го сторат е обид да го подобрат, иако признава дека шансите се мали.
„ Видете, во политиката како и во се останато, нема неповратни процеси. Можеби она што денеска ни делува дека е неповратно и трајно, после пет, десет, петнаесет години се менува …Точно, ќе биде многу тешко. Шансите се многу мали. Но, меѓутоа тоа не значи дека треба да се откажеме и да не направиме ништо. Затоа го кажав тоа пред малку, ќе се обидеме да направиме се што е во нашата моќ, ќе го вложиме целото наше умеење и знаење за да пробаме да промениме некои работи. Дали ќе успееме, на крај на ден, ќе ни суди историјата и граѓаните, нормално“, вели Јанушев.
За власта, ветувањата за подобар договор се лага на опозицијата.
„ Единаесет години имаа време да постигнат не подобар, туку најдобар договор со Грција. Единаесет години единственото нешто што го доби оваа држава од ВМРО-ДПМНЕ беа оправдувања, конфликти и затворени врати. Ако не успеаја за единаесет години да најдат решение за овој спор, во ситуација кога партнери од другата страна беа Дора Бакојани, Караманлис, Папандреу па дури на крај Ципрас, зарем сметате дека е возможно некакво друго решени, кога на власт во Грција е можно да стапне Мицотакис кој има уште понегативен став по прашањето на нашите билатерални односи.“- вели Радмила Шеќеринска
Според ставот на Јанушев, ова е единствената точка за која барем делумно има согласност меѓу власта и опозицијата.
„ Во еден дел, веројатно ќе се согласам. Бидејќи, иако директно не сум бил вклучен, од она што нели го имам како информација е дека имало сериозни шанси можеби и да се постигне подобар договор од сега. Меѓутоа, тоа е во минатото. Шансите се испуштени … Во сите тие години кога, нели, можело да се дојде до подобар договор, како и во годините претходно, од 91-ва навака, претпоставувам дека многу политичари, без разлика од која политичка партија доаѓале, имале шанса да го решат ова прашање, дали на подобар начин, исто така веројатно засекогаш ќе биде под знак прашање. Во моментов имаме решение. Тогаш не сме имале решение“, вели Јанушев.
Конечната одлука за предвремени парламентарни, заедно со претседателските избори, нема да се знае во следните неколку дена. Но, нема ниту да се чека долго, бидејќи веќе на почетокот на следниот месец треба да се распишат претседателските избори. Не може да се исклучи и уште еден драматичен фото-финиш, бидејќи ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се согласат за избори, некој ќе треба да ги разубеди ДУИ.
Напишете коментар