Приведувањето на пратениците е направено незаконски, брифираше народниот правобранител на крајот на декември и препорача:
„Министерот за внатрешни работи… да спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапувањето на полициските службеници…, да утврди одговорност и да се санкционираат прекршителите на правата на пратениците. “ – брифираа од кај Народниот правобранител на 28.12.2017 г.
Приведувањето на пратениците е законско, му одговори веќе следниот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Во врска со настаните во Собранието од 27 април полицијата постапуваше врз основа на наредба издадена од Судот и полицајците постапиле согласно законските овластувања“- изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 29.12.2017 г.
Дојде и помина Нова година … дојдоа и поминаа и други празници.
И, не само што ништо не се случи туку МВР не сака да ни одговори дали воопшто мислат да направат нешто по препораката на Народниот правобранител. Народниот правобранител не кажува што мисли за ставот и постапките на министерот. А станува збор за исклучително важно прашање, бидејќи препискатa e меѓу две релевантни институции и тоа за права на народни избраници – од кои и министерот и омбудсманот црпат легитимитет.
Обидот да се одгатне прашањето – кој е во право а кој не, почнува токму од аргументите на Мемети и на Спасовски.
Наодите на Народниот правобранител се темелат на Правилникот за начинот на вршење на полициските работи. Во него пишува дека ако лицето кое се приведува се повика на имунитет, полицискиот службеник мора да го прекине приведувањето.
„Во случај кога не му е одземен имунитетот и покрај писмената наредба за негово приведување, истото нема да се изврши, а надлежниот суд ќе се извести од страна на полицискиот службеник за причините поради кои не е постапено по наредбата.“- брифираа меѓу другото од кај Народниот правобранител на 28.12.2017 г.
Министерот Оливер Спасовски не го демантираше овој факт кога ја правдаше постапката на полицијата со пратениците. Туку се повика на Законот за кривична постапка.
„Законот е повисок акт од правилникот и не може правилник да дерогира Закон или устав на Република Македонија, тоа е основното правило во правото. Ние имаме доставено целосно известување со многу документи, врз основа на правилата и упатствата коишто се тука“- изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на 29.12.2017 г.
Ако се проверат цитираните одредби и Спасовски и Мемети се во право. Законот за кривична постапка навистина не прави разлика дали лицето кое се приведува има или нема имунитет. Од друга страна, полицискиот правилник ја прави таа разлика.
Со други зборови, не е јасно зошто има детализирани одредби во правилникот кои ги нема на ниту едно друго место? Ова навидум маргинално прашање е исклучително важно. Остане ли нерасчистено, кој може да гарантира дека во иднина нема да се злоупотреби?
Пример за злоупотреба може да биде приведување пратеници по нечија потреба, без претходно да им се симне имунитетот што може да влијае на распоредот на силите во парламентот, кога на дневен ред има важни теми. Според македонскиот Устав, ваква можност не е забранета, бидејќи е дефинирано дека пратеникот има имунитет само од „притворање“, а не и од приведување или друга форма на задржување. Имунитетот не важи само во случај кога пратеникот е фатен на „лице место“ во вршење на кривично дело, за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Во европските законодавства нема воедначена пракса, но во основа одредбите кои важат во Македонија, во слична форма ги има во континенталните системи, како Германија и Франција. Со битна разлика што таму имунитетот важи и за приведување односно, освен ако не е фатен на дело, пратеник не може да биде задржан ако претходно не му е симнат имунитетот.
Таа традиција е пресликана и во документите на Европскиот парламент, во кои се вели дека имунитет го штити пратеникот:
„Од каква било мерка на задржување и од правна постапка. Имунитетот, исто така, ќе се применува и за пратениците додека патуваат до и од местото на заседание на Европскиот парламент. Не може да има повикување на имунитетот кога пратеникот е фатен на „лице место“ во извршување противзаконско дејствие…“
Дали при пишување на Уставот и Законот за кривична постапка, намерно или ненамерно, одредбата за имунитет е стеснета само на притвор? Уште повеќе што полицискиот правилник се занимава и со прашањето за приведување лица со имунитет. Со оваа тема цел месец се занимава Хелсиншкиот комитет по барање на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Јас мислам дека целиот овој случај отвара дилеми коишто ќе треба да бидат решени на еден да речам, законски начин во смисла на надоградување можеби на законот на кривичната постапка, притоа со проширување на одредбите кои се однесуваат на пратеничкиот имунитет во самиот Устав. Исто така, јас не ја отфрлам оваа можност бидејќи Македонија е општество каде секогаш мора да има секогаш многу конкретни и јасни одредби за да не може да дојде до злоупотреби. Бидејќи сите сме свесни дека законот во изминативе 11 години и те како беше злоупотребуван поради постигнување на политички цели. Треба да се осигураме, ние како општество притоа, да не дојде да во одреден момент самото Собрание некогаш биде блокирано поради ваква некаква волунтаристичка постапка на лишување од слобода на пратеници без да им се одземе имунитетот.“- вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет во Македонија.
Но, се додека такви измени не се случат, Пировска е на став дека на 28 ноември полицијата постапила законски.
„Според законот за кривичната постапка се е чисто. Чекорите кои биле преземени се сосема во согласност со Законот за кривичната постапка, како што ви ги објаснив. Буквално, ако го отворите законот за кривичната постапка ќе видите дека така треба да се преземаат чекорите кога станува збор за започнување на истражна постапка, која како што наведов и претходно започнува со наредба за спроведување на истражна постапка којашто обвинителството ја доставува до судијата за претходна постапка во прилог со целосна документација и доколку смета со предлог за утврдување на мерка притвор“, вели Пировска.
Сепак, за Хелсиншкиот комитет, случајот со приведувањето на пратениците не е затворен. Остануваат отворени прашањата – имало ли потреба од лисици на рацете на пратениците ако не давале отпори и дали со тоа им се прекршени правата? Колку часа биле држени во судот? Конечната оценка ќе ја донесат кога ќе им одговорат институциите кои досега не го сториле тоа.
Напишете коментар