Ставот на Министерството за култура доаѓа откако утрово Фондацијата „Славко Јаневски“ објави дека традиционалната манифестација „Роман на годината“ е под знак прашалник бидејќи владиниот ресор годинава им дал само 910 евра од годишната програма за поддршка на културата, што е за пет пати помалку од ланските 4 500 евра
Од Министерството додаваат и дека владиниот ресор учествува во поддршката на проектите, а не во нивно целосно финансирање
Имаше многу проекти, а помалку пари. Накратко, ова е образложението на Министерството за култура откако утрово институцијата беше прозвана од страна на Фондацијата „Славко Јаневски“ – дека парите што им ги дале од годинешната национална програма за културата за манифестацијата „Роман на годината“ се закана за опстојување на наградата.
Фондацијата реагираше откако пред три дена формално завршила и жалбената постапка, а второстепената комисија одлучила исто како и првостепената. Па „360 степени“ праша во Култура – зошто ја намалиле поддршката за „Роман на годината“?

„Само во делот на Конкурсот за литература и издавачка дејност беа поднесени над 1 200 пријави за публикации (книги – авторски и преводи, изданија за деца, списанија и електронско издаваштво), како и над 70 пријави за манифестации (литературни фестивали, награди,конкурси, работилници и сл.).
Стручната комисија која одлучуваше по пристигнатите проекти годинава во услови на глобална економска криза и намален буџет беше исправена пред предизвикот да се направи квалитетна и коректна селекција на пристигнатите проекти. Притоа, се водеше сметка да се постигне разновидност, да не се наруши традицијата во случај на манифестациите, едициите, одбележувањето на значајните јубилеи, како и во однос на предложените манифестации да бидат задоволени потребите на граѓаните за квалитетни културни настани во државата“,
велат од Министерството за култура во одговорот на прашањата од „360 степени“.
Од Фондацијата „Славко Јаневски“, која беше формирана практично да се зачува манифестација „Роман на годината“ откако основачот „Утрински весник“ отиде во стечај, утрово соопштија дека за нив е мистерија зошто им е намалена „вредноста“ за дури петпати, споредено со минатата година. Во еден дел од реакцијата се вели: „Ако на Република Северна Македонија не ѝ е потребен ‘Роман на годината’, тогаш не гледаме причини зошто би ни бил потребен и нам“.
Од Култура на прашањата на „360 степени“ одговараат дека комисијата не се водела од тенденциозни намери. Фактот дека „Роман на годината“ воопшто добил средства бил доказ за неговата неспорна вредност.
„Во тој контекст стручната комисија, водејќи се од овие начела и ценејќи го значењето на многубројните манифестации, без никакви намери, особено не тенденциозни, внимаваше на правилна распределба согласно актуелните состојби. Притоа, уште еднаш нагласуваме дека Министерството за култура учествува во поддршката на проектите, а не во нивното целосно финансирање. Значењето на Манифестацијата ’Роман на годината’ е неспорно и затоа и оваа година доби поддршка во избраните проекти на годинешниот конкурс“,
се вели во одговорот на прашањата што „360 степени“ ги достави до Министерството за култура.
„Роман на годината“ е награда која досега е доделена 24 пати. Годинешното издание треба да биде јубилејно, 25-то. Наградата и нејзината организација се скромни според буџетот. Победникот добива награда од околу 2 500 евра, уште толку се потребни за хонорари за петчлената комисија, а финансиската конструкција се заокружува со трошоци за настанот за доделување на наградата и промоција на победникот и делото низ државата. Вообичаено, станува збор за скромни настани, каде што примат имаат напишаното дело и авторот, а не материјалната вредност и „тежина“ на просторот и гостите.
Па, сепак, вредноста на „Роман на годината“ е можеби и немерлива за авторите кои создаваат на македонски јазик и публиката која повеќе или помалку ја следи домашната литературна сцена.