Ковачевски рече дека тој е член на Синдикатот од 1999 година и оти 100-процентно е на страната на ССМ откако претходно денеска од Синдикатот на вонредна прес-конференција рекоа дека, според нивни неофицијалните информации, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема Работничкиот дом во Скопје
Да живее Синдикатот и да живеат работниците и работниот народ на Република Северна Македонија, рече премиерот Димитар Ковачевски прашан за коментар околу вонредната прес-конференција на Сојузот на синдикати на Македонија од каде што побараа одговорност од Врховниот суд доколку се точни информациите дека е донесена пресуда со која се одзема Работничкиот дом.
Ковачевски рече дека тој е член на Синдикатот од 1999 година и оти 100-процентно е на страната на ССМ.
За однос на пресудата на Врховниот суд, Ковачевски рече дека никогаш не коментира судски одлуки и упати одговорите да се бараат таму.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на вонредна прес-конференција соопшти дека според неофицијалните информации што ги има ССМ, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.
Доколку ваквата одлука на Врховниот суд, за која ССМ чека официјална потврда, се испостави за вистинита, оттаму најавија дека ќе бараат оставка од претседателката на Судот и од судиите во Советот кои одлучувале по однос на ова прашање. Работничкиот дом, вели претседателот на ССМ, го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а ќе го преживее и потресот од Врховниот суд кој се обидува да го направи на ваков начин.