Претседателката на ОПМ додаде дека поради високите цени голем дел од граѓаните се приморани да купуваат производи со помал квалитет или со помала нутиритивна вредност и покрај тоа што пристапот до основните продукти е елементарно човеково право
Организацијата на потрошувачи на Македонија бара замрзнување на цените на основните прехранбени производи поради поскапувањето на продуктите кое, како што вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, одзема голем дел од буџетот на секое семејство и паѓа исклучиво на товар на граѓаните.
Според неа, Комисијата за заштита на конкуренција би требало да реагира за да види дали има некакво здружување на трговците по толкавото, како што истакна, „плафонирање“ на цените од нивна страна.
„Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна проценка и да се преземат мерки зашто се оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува“.
изјави Маријана Лончар-Велкова на денешната прес-конференција.
Претседателката на ОПМ додаде дека поради високите цени, голем дел од граѓаните се приморани да купуваат производи со помал квалитет или со помала нутиритивна вредност и покрај тоа што пристапот до основните продукти е елементарно човеково право.
Бизнис-заедницата е против замрзнување на цените бидејќи смета дека има други мерки со кои државата би можела да интервенира за да го ублажи ценовниот шок. Во овој контекст предлага намалување на даноците или активирање на стоковните резерви.
И министерот за економија Крешник Бектеши смета дека има други механизми, како што е утврдувањето маржи за одредени производи. Според него, во услови на неосновано неконтролирани зголемувања на цените, можеби е најдобро да се оди и поригорозно, дури и со забрана за вршење дејност на некои трговци. Но, сепак, какви мерки ќе се преземат ќе зависи од анализите на надлежните институции.