Првиот пациент во земјава кому му беше пресадено срце е стабилен и веќе не е на респиратор за дишење. Засега се се одвива по најдобар ред, вели лидерот на тимот доктори кои ја направија првата трансплантација на срце д-р Сашко Јовев, во интервју за ТВ24.
„Неговото прво будење беше мошне симпатично, се разбуди сосема свесен. Сето ова го прифати мошне свесно и непосредно пред операцијата. Во еден момент кога се наоѓаше во состојба на срцев застој итно го опериравме, знаејќи дека неговото срце е максимално ослабено и некако го одржувавме во овој период и го припремавме на некој начин дека тоа е нешто времено и дека немаме поголема перспектива, освен да направиме нешто во оваа смисла. Го припремавме, но не знаевме дали ќе се најде донор чие срце соодветствуваше најдобро со неговото“,
вели д-р Јовев.
Д-р Јовев вели дека пред трансплантацијата, докторите прогнозирале дека 54-годишниот Иван Огненовски би можел да живее уште неколку месеци. Сега вели најважно е неготово тело да го прифати новото срце.
„Основниот проблем кај пресадувањето на срце е тоа што организмот може да го препознае како стран орган. Првиот тип на отфрлање којшто е многу брз може да се случи веднаш и тој го одминавме. Вториот тип е овој којшто може да се случи во текот на неколку месеци, но за тоа даваме многу јака терапија за да се спречи истото. Третиот тип е после повеќе години којшто наликува на коронарна срцева болест. Но, и покрај тоа што ова звучи вака сериозно, генерално перспективата е многу добра затоа што со овие лекови повеќе од 75 отсто од пациентите живеат повеќе од 5 или 10 години“,
вели Јовев.
Тој објаснува дека докторите биле во трка со времето, бидејќи во услови на мозочна смрт, може брзо да се оштетат органите на донорот.
„Прво е да се одржи тоа срце што чука и да биде квалитетно за да може да се пресади. Не е лесно да се одржи тоа срце, да работи и да остане здраво. Од моментот кога ќе се експлантира за четири часа мора да се имлантира и ние ја имавме таа среќа што сето тоа се случи на нашата Клиника“,
порача Јовев.
Јовев рече дека на листата од пацинети кои чекаат трансплантација на срце во моментов има 21 лице.
