Директорот на Универзитетската клиника за токсикологија д-р Нико Беќаровски реагира на причестувањето на православните верници за празникот Божик. Според него, причестувањето е поопасно за ширење на вирусот од работењето на кафеаните. „Резултатот“ го очекува за околу две недели.
„Сите вие кои вчера со една иста лажичка по храмовите се причестивте, го обесчестивте десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили. Кога на 19 јануари ќе ви требаат белите мантили, а не црните мантии, ние ќе се ‘бањаме’ за да симнеме дел од потта под скафандерите и талкот под ноктите. П.С. Отворете ги кафеаните, таму барем даваат една лажичка за еден гостин“,
напиша докторот на Фејсбук.
Медиумите вчера јавија дека при чествувањето на Божик во Соборниот храм во Скопје се употребувала иста лажичка за причест на повеќемина верници. И при делење на нафората, верниците бакнувале ист крст. Од МПЦ, како што јави Телма, останале на ставот дека причест е лек, а не причина за болест, иако во неколку наврати апелираа до верниците да се почитуваат мерките.