Од денеска во 21 часот целата територија на државата ќе биде 9 часа под полициски час. И така секој следен ден. Целта на мерката, според Владата, е да се спречи или забави ширењето на КОВИД-19. И додека се чека на првите ефекти од забраната за движење, досегашните бројки за ширењето на вирусот се добар показател што не очекува(ше).
Промена на трендот и дуплирање за 5 дена
Првиот случај на заболено лице од коронавирусот во Македонија беше регистриран на 26 февруари 2020 година. Заболената е повратник од Италија, која дошла во земјава со комбе. Покажувала симптоми на грип уште пред да тргне кон дома, но од неа не се заразија други патници ниту возачот на комбето.
Според единствената база на податоци која ги групира официјалните податоци од институциите, во следните десет дена по првиот случај, нема да биде регистриран ниту еден новозаболен од COVID-19. Но, од 6 март, почнува друг тренд.
Како што покажува и графичкиот приказ погоре, бројот на вкупно заболени почнува благо да расте по првите десет дена од првиот случај. Потоа, трендот полека почнува да добива на интензитет, за во последните 5-6 дена бројот на заразени да се дуплира.
Ако се погледнат податоците и на Светската здравствена организација, за секоја од европските земји одделно, може да се забележат многу сличности помеѓу различни држави. По првите регистрирани случаи, вообичаено следел период од 25 до 35 дена кога бројот на новозаразени прво стагнира, па благо се зголемува за потоа да дојде до „експлозија“ на нови случаи.
КОВИД-19 не бира меѓу мажи и жени, стари и млади
Податоците од државите со голем број заболени говорат дека коронавирусот најтешко го поднесуваат старите и лицата со хронични болести. Тие можеби се мнозинството, но не се и единствените жртви.
Според домашните податоци, а тоа се за првите 37 заразени пациенти, со КОВИД-19 подеднакво може да се заразат и мажите и жените.
Истата група на заразени луѓе во Македонија за која има податоци, е хетерогена и по возраста.
Или, според бројот на заразени:
- До 15 години се 2 лица (5,41%)
- Од 16 до 49 години се 16 лица (43,24%)
- Од 50 до 59 години се 16 лица (43,24%)
- Над 60 години – 3 лица (8,11%)
Последните бројки од Министерството за здравство говорат за вкупно 85 случаи со КОВИД-19. Бројот на луѓе во самоизолација се ближи кон 4 000, а повеќекратно е зголемен и бројот на дневни тестирања.