Како што оцени тој, скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ, судот ги пуштил без притвор, само со мерки за претпазливост
Во моментот на насилниот упад во М-НАВ, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а два авиона, од кој еден бил на сериозна авиокомпанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО воздухоплови на аеродромот во Скопје, објави неофицијално денеска Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Завчера во Македонија се случи настан кој не е виден, не само во Европа, туку и во најнеразвиените земји во светот. Група од партиски функционери на владејачката ДУИ, на чело со Беким Незири, инаку инспектор за контрола на летање и близок соработник на директорот на М-НАВ, претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и човек кој извршувал високи државни функции, упаднаа во еден од најзаштитените објекти во државата М-НАВ и физички притоа ги нападнаа контролорите на летање, кои во истиот момент извршувале сложени работни задачи од кои зависат илјадници животи. За време на насилниот упад, биле физички нападнати повеќе лица, а еден од нападнатите бил удрен од позади, по што истиот паднал врз апаратурата, со која се контролираат авионите, кои во моментот биле над македонското небо“,
посочи Чулев на прес-конференција.
Да биде трагедијата уште поголема, додаде тој, во упадот учествувало и самото обезбедување, „кое има задача да го штити објектот, но очигледно тоа не се случило, туку овие лица играле улога на поддршка на насилниците“.
„Името на агенцијата за обезбедување е озлогласената кичевска фирма 2СС, која има промет од околу 3 милиони евра годишно и е позната по милионските тендери, посебно во институциите кои ги раководат кадри на ДУИ. Па на листата на институции, кои ги користат нивните услуги се: АЕК, ЈП Државни патишта, скопската градска болница ‘8 Септември’, како и Археолошкиот музеј, Музеј на Македонија, Здравствен дом Кичево, Државната лотарија, ТИРЗ Кичево и Струга, Клиниката за гинекологија, Фонд за здравствено осигурување, Општина Центар во делот на училишта и градинки, Клиника за хематологија, скопската Клиника за кардиологија, Управа за заштита на културно наследство, Агроберза, Општина Струга и други. Односно, накратко, секаде каде ДУИ и СДС се на власт“,
рече Чулев.
Како што оцени тој, скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ, судот ги пуштил без притвор, само со мерки за претпазливост.
„Во тие мерки, во соопштението, не се наведува дека им е забрането да одат повторно во институцијата, каде извршија кривично дело, што значи дека тепачите на ДУИ потпомогнати од СДС, можат во секое време да го повторат делото“,
нагласи Чулев.
Тој посочи дека одговорност за настанот мора да има и побара оставки, како што рече, „веднаш, од врвот па надолу“.