Врз основа на јавен повик на ОЈО, во кој обвинителството ги повика МВР и Управата за финансиска полиција да постапат врз основа на објавените видео снимки на кои поранешниот директор на Фондот за здравство зема парични средства, Ден Дончев вчера беше свикан во полиција, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Материјалите од распитот на Дончев, Чулев рече дека денеска ќе бидат доставени до јавното обвинителство, бидејќи вели тоа е надлежно да постапува во случајот.
„МВР постапи согласно стандардот на полициско постапување, односно Одделот за сузбивање на организиран криминал, и го повика со цел добивање дополнителни информации и податоци за објавениот видео материјал. Разговорот траеше отприлика околу 40 минути беше реализиран во полициската станица во Карпош во Скопје и лицето Ден Дончев дојде во придружба на негов адвокат. По извршениот разговор, тој си замина од полициската станица, а инспекторите од Oдделот за организиран криминал во текот на денешниот ден ќе изготват службен материјал и истиот ќе го достават до Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Потоа чекаме насоки за дејствување од страна на Јавното обвинителство, бидејќи тоа е надлежна институција за водење на кривични истраги“,
рече Чулев.
Видеоснимката за која Дончев бил свикан во полиција беше објавена пред неколку дена, а во неа може да се забележи како Дончев зема пари во готовина и ги става во торба, но не може да се утврди од кој период потекнува, ниту каде е направена снимката. Заедно со неа, на Јутјуб каналот наречен „Лепливи раце“ беа објавени уште три аудио снимки, за кои се тврдеше дека се поврзани со случајот „Диамед“ за што Дончев беше обвинет од ВМРО-ДПМНЕ дека го менаџира обидот да се одврати шведската компанија „Диаверум“ од купување на оваа фирма, заедно со министерот Венко Филипче. Карактеристично за снимките е што се забележува дека се сечени и да им се даде контекст во врска со овој случај.
Дончев во писмена изјава го демантираше контекстот во кој се ставаат во врска со случајот „Дијамед“ и ги отфрли сите инсинуации и манипулации кои, како што вели, се со цел за негова политичка деградација.
Тој посочува дека е забележливо оти снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив и во писмениот демант ја објаснува секоја снимка посебно. За видеоснимката вели дека е од постар датум и е од приватен карактер.
И адвокатот Филип Медарски, кој беше споменат во снимките упати демант во кој објасни дека тој немал никаква поврзаност со компанијата „Дијаверум“, туку разговорот се однесувал на негова професионална ангажираност во Тотал ТВ.
Вчера пак, на новоотворен Јутјуб канал под име Дон КорлеДонев, под наслов „Силно светнал ден 1 и 2“ се појавија уште две нови аудиоснимки.
Според видеоматеријалот врз кој се монтирани аудиоснимките се алудира дека на нив е гласот на екс директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, но од содржината не може да се утврди контекстот за што се работи. Во нив Дончев споменува две имиња Зоки и Медарски. Исто како и претходните аудиоснимки и кај овие две забележливо е дека се сечени.