Поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев денеска бил повикан во Полициската станица Карпош и по извршениот разговор си заминал.
„Д.Д. беше поканет со покана за разговор во ПС Карпош и уредно се пријави сам. По извршениот разговор, си замина“,
соопштиле за МИА од МВР.
Тој бил повикан да даде изјава во врска со трите аудио и едната видеоснимка кои пред неколку дена беа објавени на новоотворен канал на Јутуб.
Поканата била од Одделот за организиран криминал и корупција при МВР.
Дончев во писмена изјава пред три дена го демантира контекстот во кој се ставаат во врска со случајот „Дијамед“ и ги отфрли сите инсинуации и манипулации кои, како што вели, се со цел за негова политичка деградација.
Тој посочува дека е забележливо оти снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив и во писмениот демант ја објаснува секоја снимка посебно. За видеоснимката вели дека е од постар датум и е од приватен карактер.