Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека не ја попречил меѓународната акција за спречување шверц на кокаин во чии рамки беше запленет еден килограм дрога во селото Крушопек, скопско.
„Во однос на лажните обвинувања и спинувања за наводно мое попречување на истрагата, ја информирам јавноста дека тие се целосно неточни. Имено, во координација со италијанските партнери и надлежен македонски јавен обвинител на мојата прес-конференција, и покрај инсистирањето на медиумите, информациите кои јас ги објавив беа строго селектирани, целосни и точни. Ниту еднаш во моето обраќање на споменав количина, контролиран транспорт и имиња на конкретни држави. Веројатно, изнервирани од фактот дека медиумскиот ексклузивитет го граделе врз основа на неточни и непроверени информации, моите политички противници се обидоа тој гаф да го сокријат со евентуални забелешки дека со мојот прес сум ја попречил истрагата“,
вели Чулев.
Со оглед дека меѓународната операција е комплетирана, потврдувам дека 1.129 кг кокаин од Колумбија беа наменети со крајна дестинација во нашата држава, а дека 1 кг, кој беше фатен кај нас, беше дел од контролиран транспорт, вели Чулев. Притоа, им изразува „огромна благодарност на нашите италијански партнери, но и партнерите од Регионот и припадниците на МВР, ОЈО и Царина, без кои немаше да се реализира оваа значајна акција против кокаинската мафија“.
Чулев не се осврнува на Фејсбук-статусот што го објави во средата вечер, додека се уште имаше активности на терен, во која потврди дека има акција во Крушопек, откако претходно повеќе медиуми јавија дека е запленет 1,3 тони кокаин во скопското село.
Денешната негова реакција следува откако синоќа дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ рече дека италијанските власти му реагирале на министерот Чулев за издавање информации во јавноста за акцијата за заплена на кокаин во Крушопек.
„Со издавање на информациите однапред и соопштување дека станува збор за огромна акција од страна на министерот Чулев, се информирани и структури што не треба да бидат информирани во тој момент дека во нашата земја се одвива акција“,
рече Петровска.
Според неа, најголеми последици за акцијата имало во Босна и Херцеговина, каде исто како и во земјава, била следена контролирана пратка на кокаин.
„И на крај, бидејќи акцијата е пробиена, не е постигнат посакуваниот ефект ододносно она што италијанските власти очекувале дека ќе се случи“,
изјави дополнителната заменик-министерка во МВР.
На ваквата нејзина изјава денеска коментар даде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека не се точни тврдењата дека реагирале италијанските власти.
„Акцијата се случи по три години мораторим во борбата со криминалот и кокаинот. Тоа е информација од заменичката Петровска, но ако ги прашате нашите сојузници во Италија ќе добиете поинаков одоговр од тоа што именуваната го изјавува на ‘360 степени’“,
рече Мицкоски.
Тој ѝ порача на Петроска и останатите кои, според него, се молеле акцијата да биде неуспешна и брифирале погрешни информации за јавноста, дека на оваа тема ќе зборуваат погласно по 12 април.
На ова повторно реагираше Петровска.
„Кога се спомува мораториум, дали намерно или од незнаење, се заборава, на пример, на меѓународната акција во која во Тетово беше откриена најголемата лабораторија за синтетичка дрога и беа запленети 500 000 таблети“,
вели Петровска.
На повикот за ова погласно да разговараат после изборите на 12 април, дополнителната заменик-министерка вели:
„Зошто да го чекаме 12 април, како што вели Мицкоски. Најдобро е да зборуваме денеска, акцијата е веќе завршена. По 12 април треба да продолжиме со реформите во полицијата и нема да имаме време да се враќаме на прашања што техничкиот министер избегнал да ги одговори. Со лаги и манипулации никаде не се стигнува“.