Дополнителната заменик-министерка во МВР Славјанка Петровска смета дека Чулев со известувањето ја злоупотребува позицијата
Одлуката на Владата, со која се поништуваат конкретните решенија за распоредување на работниците во Министерството за внатрешни работи, е противзаконска и е донесена во постапка која е спротивна на одредбите од прописите што го регулираат работењето на Владата, а особено во спротивно со одредбите на Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за Владата.
Ова се вели во соопштението од МВР објавено попладнево како реакција на вчерашната одлука на Владата со која се поништуваат решенијата за распоредување во Министерството потпишани од министерот Наќе Чулев.
Во соопштението уште се истакнува дека министерот Чулев денеска доставил известување до вработените во кое наведува дека согласно член 47 став 1 од Законот за организација на работата на органите на државната управа со работата на министерството раководи министерот. Исто така, се укажува дека Владата согласно член 30 од Законот за Владата има право и должност да укине или поништи прописи или други акти на министерството, органите на државната управа и управните организации, кои не се во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно прописи на Владата, но дека овие не се прописи и од тие причини не може да бидат поништени од Владата, туку се поништуваат со соодветна постапка од работен однос.
Во известувањето на Чулев до вработените се укажува дека постапување спротивно прописите повлекува кривична одговорност, односно злоупотреба на службената положба и овластување, што е казниво согласно одредбите на Кривичниот законик.
Петровска до вработените: Чулев ја злоупотребува позицијата
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска преку соопштение, пак, ги повика вработените во Министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување.
Таа истакнува дека Владата вчера донела одлука за поништување на решенија, при чие донесување министерот Наќе Чулев, намерно или од незнаење, не ги почитувал важечките законски и подзаконски акти.
„На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се согласува со одлуката на Владата на Република Северна Македонија треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма. Истовремено, тој не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата“,
додаде Петровска.
Сите судири во МВР
Техничката влада предводена од премиерот, а дотогаш министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја доби довербата на Собранието на 3 јануари 2020 година. Само два дена подоцна почна и „војната“ меѓу наследниците на Спасовски во МВР – министерот Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска од СДСМ.
Првата битка беше во јавноста. Чулев обвини дека лица од криминалистичката полиција се во директна спрега со криминални групи, на што Петровска одговори дека министерот шири лаги.
Но, паралелно, во МВР се случуваше и административен судир. На 8 јанаури Наќе Чулев испрати телеграма до сите раководители на организациските едници во рамките на МВР да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски. Дополнителната заменичка Славјанка Петровска истиот ден му пиша на Чулев дека во телеграмата не навел која е законската основа за таквото барање до раководителите.
На 28 јануари министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција го обвини неговиот претходник Оливер Спасовски дека од 1 до 25 декември 2019 г. донел 1.050 решенија, а во последната седмица 1.198 решенија за распоредување на пониски работни места и за унапредување. Според Чулев, целата постапка е без да се почитува Законот за внатрешни работи и утврдениот систем за кариера.