Група од осум лица во Ченто синоќа го прекршила полицискиот час, а откако пристигнала полицијата, пет лица избегале, соопшти денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, објавувајќи детали за вчерашите настани во оваа скопска општина.

Чулев оцени дека инцидентите во Ченто имаат политичка заднина и дека станува збор за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните.

Против тројцата што биле приведени од страна на полицијата МВР поднело кривични пријави во Основното јавно обвинителство, а еден од нив рекол дека е член на Советот на Општина Гази Баба од СДСМ.
„Во однос на написите на социјалните мрежи и порталите каде што се гледа дека градоначалникот на Општина Гази Баба дава ветување дека тој ќе ги ослободи лицата и нема да има поднесок, потенцирам дека МВР постапува неселективно и секаде каде што се прекршени законите и одлуките на Владата се постапува според закон. За тоа говори фактот дека против сите три лица веќе се поднесени соодветни кривични пријави“,
изјави министерот Чулев.
По распитот во полициска станица и поднесувањето кривични пријави, лицата биле ослободени, а насобраните граѓани кои протестирале си заминале без полициска интервенција.
Чулев ги демантираше информациите дека лицата биле приведени во своите дворови и дека биле малтретирани од страна на полицијата. Тој додаде дека се работи на откривање на идентитетот на сите што го прекршиле полицискиот час и поттикнувале непочитување на владините одлуки.
*Поврзани вести
МВР: Причина за протестите во Ченто е приведувањето на 3 лица поради кршење на полицискиот час
Тројца жители на Ченто приведени дека го кршеле полицискиот час, десетици излегоа на протести