Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев информира дека утрово на главниот координативен кризен штаб во Владата е донесена одлука за заострување на мерките за превенција од ширењето на коронавирусот
Вкупно 18 лица синоќа биле лишени од слобода бидејќи се противеле на опомената од полицијата да го почитуваат полицискиот час, а за девет од нив веќе се поднесени кривични пријави по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
Приведени се пет граѓани во Тетово, по двајца во Гостивар, Куманово и Радовиш, еден во Штип и шестмина во Кочани. Дел од нив, откако биле опоменати, почнале расправија со полициските службеници, кај некои е најдено и оружје, а едно лице во Виница откако било опоменато од полицијата избегало.
„МВР во моментов интензивно презема активности со цел утврдување на елементи за поднесување кривична пријава за кривични дела за останатите сторители, при што доколку се утврди дека сторената активност има елементи на прекршок, а не на кривично дело ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против сторителот“,
изјави Чулев
Други 74 лица низ цела територија низ земјава поминале само со опомена бидејќи, како што вели Чулев, веднаш постапиле по опомената од полицијата и се упатиле кон своите домови.
Министерот потсети и дека досега се поднесени 77 кривични пријави за лицата кои имале решенија за изолација или потпишале изјави дека по влезот во земјата ќе бидат во домашен карантин, а не ги почитувале мерките. Најави и дека со донесување уредба од Владата со законска сила, Армијата добива полициски овластувања, со цел да се зголемат капацитетите за контрола на граѓаните.
Чулев дополнително информираше дека денеска на седница на владиниот кризен штаб била донесена одлука за заострување на мерките за превенција од ширењето на коронавирусот.
„Овие одлуки во текот на попладнево ќе бидат дискутирани и ако се донесат нови одлуки за заострување на мерките МВР ќе ги спроведе на терен. Сакам пак да потенцирам дека како министер за внатрешни работи во изминатиов период и во иднина ќе се залагам за најригорозни мерки за намалување на последиците и за поригорозни ограничувања на движењето на граѓаните со цел спречување на ширењето на ковид-19“,
изјави Чулев.