Лидерот на парламентарната група Обновена Европа во ЕП, Дачијан Чолош, смета дека валкана кампања ќе ја намали излезеноста, а со тоа мнозинството во парламентот ќе биде помало и не ќе може да се спроведуваат реформите
Независно од резултатите од изборите, на Северна Македонија ќе ѝ треба силно мнозинство во Собранието, за да ги спроведе реформите што се потребни и за народот, но и со цел да успее во процесот на пристапување во Европската Унија, изјави денеска лидерот на парламентарната група Обновена Европа во Европскиот парламент, Дачијан Чолош, на заедничка прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски.
„Ако реториката отиде во валкана насока, губитници ќе бидат граѓаните на Северна Македонија, но и самата држава. Затоа сметаме дека е важно и медиумите да создадат атмосфера и рамка за дебата за тоа што политичарите и политичките партии сакаат за Северна Македонија во иднина“,
истакна Чолош одговарајќи на новинарско прашање околу текот на изборната кампања.
„Единствените резултати што можеме да ги добиеме со валкана реторика е да ги оставиме луѓе да останат дома и да не излезат на гласање. Без политичко мнозинство, без легитимитет од народот, без голема излезеност, мнозинството во парламентот ќе биде помало и не ќе може да се спроведуваат реформите“,
додаде Чолош.
Тој нагласи дека на Северна Македонија ѝ се потребни реформи и ако некои политички субјекти ја користат кампањата само за да напаѓаат без да нудат конкретни решенија тогаш губитници ќе бидат сите, вклучително и ЕУ.
Спасовски рече дека дали кампањата ќе биде валкана ќе зависи од политичките субјектите што учествуваат во изборниот процес.
„Мислам дека одредени политички субјекти сè уште не разбраа дека луѓето ги сакаат позитивни работи. Сакаат да видат што е тоа што вие ќе им го понудите. Каков развој и просперитет, каква надеж нудите за државата, кои се тие приоритети кои што се од интерес на граѓаните“,
рече Спасовски.
Тој пред два дена во интервју за „ЕУ oпсервер“ изјави дека очекува претстојната изборна кампања да биде една од највалканите во историјата на земјата, со лажни вести и медиумска пропаганда, но смета дека земјата има капацитет да спроведе слободни, фер и легитимни избори.
Но не одговори директно дали очекува руско мешање во кампањата и исходот од изборите, туку посочува генерално дека сите земји во Европа и во регионот се соочија со хибридни закани во процесот на нивното пристапување во НАТО и ЕУ.