Поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев во интервју за БГНЕС вели дека членството на државата во ЕУ е можно само ако се спроведат реформи и се почитуваат европските вредности, а како клучни тој ги наведува: почитувањата на правата на Бугарите во земјата, откажувањето од говорот на омраза и владеење на правото кое подразбира почитување на Договорот за добрососедство
Чест е за сите генерации бугарски политичари, како и за денешните, да успеат да го одржат консензусот. Зад овој консензус стои бугарското општество. Обединети сме во фактот дека вистината за историјата и европските вредности мора да бидат во срцето на решението и само тогаш решението ќе биде одржливо, вели поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, во интервју за новинската агенција БГНЕС.
Според него, единственото нешто што треба да го прават бугарските политичари е да ја подобрат комуникацијата со глобалните сили и Европската комисија (ЕК) за да може решението да биде јасно.
„Им се обраќам на нашите пријатели во Скопје – лидерите и општеството во Република Северна Македонија – мора да биде јасно. НАТО е геополитика, а ЕУ е вредности. Токму затоа што НАТО е геополитика, Бугарија безусловно ја поддржа Република Северна Македонија за членство во овој најсилен одбранбен сојуз. Токму затоа што ЕУ е унија на вредности, Бугарија има целосно право да укаже на проблемите со почитувањето на европските вредности и да каже дека единственото можно решение за спорот меѓу Софија и Скопје е решение кое се заснова на европските вредности. Не може да има друго решение“,
вели Плевнелиев.
Тој им порачува на македонските власти да не притискаат и да не лобираат бидејќи нема да постигнат ништо. Според него, ќе се промени нешто само со реформи кои докажуваат дека европските вредности се применуваат и спроведуваат од општеството и владејачката партија во земјата.
„Имаме проблем со овие вредности. И тука Бугарија е адвокат и бранител на овие вредности. Сакаме да им помогнеме на властите во Скопје да го сфатат проблемот. Одлуките не се тешки. Мора да го правите тоа што се направи во Албанија. Ако го направите тоа, нема кој да ве спречи на патот на евроинтеграциите“,
вели Плевнелиев.
Тој во интервјуто ги наведува и најважните работи кои властите во Скопје мора да ги направат ако навистина сакаат да започнат преговори со ЕУ.
„1. Европското владеење е владеење на правото, но Договорот потпишан помеѓу властите на Бугарија и Република Северна Македонија не се почитува. Ова е кршење на владеење на правото. Да се придржуваме до овој договор, инаку нема начин Бугарија да даде зелено светло;
2. Европските права се права на сите граѓани во едно општество. Но, денес Бугарија во Република Северна Македонија ги немаат истите права како Србите, Албанците, Турците, Власите и другите.Дајте им права на оние граѓани кои се идентификуваат како Бугари, како Срби или други националности. Дискриминацијата не е европска вредност и нема место во ЕУ;
3. Откажување од говорот на омраза. Се уште гледаме говор на омраза насекаде, вклучително и во државните медиуми, во учебниците од кои учат младите. Ние го сакаме токму спротивното. Сакаме да нема ограничување младите да одат на скијање заедно во Банско и во ресторан во Охрид. Младите не можат да бидат први пријатели и браќа ако во учебниците во Република Северна Македонија пишува дека Бугарите се Татари и фашисти“,
вели Плевнелиев наведувајќи ги клучните работи неопходни за Северна Македонија да почне преговори.
Тој во интервјуто директно се обраќа и до владејачката партија во земјава и до македонското општество.
„Драги пријатели и владетели во Скопје, правете го што го прави Албанија и никој нема да ве кочи. На децата во Република Северна Македонија им ги должите одговорите за историјата, за комунистичкиот режим, за идеологијата и учебниците. Започнете со реформите. Ова ќе ви се исплати, не само затоа што ќе нема кој да ве кочи туку и затоа што многу побрзо ќе напредувате во евроинтеграциите. Оние што се вооружуваат со европските вредности брзо напредуваат. Ова е нашиот совет до вас и ние сме подготвени да ви помогнеме“,
вели Плевнелиев.